Поголема ефикасност на општинската администрација, најави денес Живка Ангелоска од ОО СДСМ Охрид, презентирајќи дел од предизборната програма на кандидатот за градоначалник Константин Георгиески. Таа потенцира дека се рализирани конкретни активности за воведување на електронскиот систем „Муни“, кој ќе овозможи поголема интеграција меѓу општинските сектори и  јавните претпријатија, во насока на подобра и поквалитетна услуга.

  • Апликацијата ќе биде достапна за граѓаните на нивните смарт уреди, при што електронски ќе можат да плаќаат месечни сметки за комунални услуги или да комуницираат директно со општинските служби, кои се задолжени за решавање на нивниот конкретен проблем, рече Ангелоска.

Со цел да се подобрат опшинските услуги планирана е и имплементација на Географско Информативен Систем (ГИС), кој ќе содржи просторно лоцирани ГИС бази на податоци за територијата на општина Охрид. Како што појасни Ангелоска, тие ќе бидат распоредени за користење во главните сфери на интерес и за различни намени, како што се урбани единици, улици, градежни парцели, објекти и подземен катастар. Додаде дека за изработка на ваквите бази на податоци, општината веќе има аплицирано на проект кој ќе биде реализиран со средства од странски фондови.

Во насока на зголемување на нивото на транспарентноста на општината и посоодветно пласирање на информации од јавен карактер, веќе е изготвена нова и редизајнирана општинска веб страница, која веќе е ставена во функција. Обновената веб страница ќе им овозможи на граѓаните и на медиумите полесно пребарување и изнаоѓање на потребната информација.

  • За да се подобрат условите за граѓаните во урбаните и руралните зони општината планира да преземе мерки за зголемување на капацитетот на месните и урбаните заедници, преку обука на членовите на месните управи. Ова има за цел да го зголеми нивото на партиципативност во донесување на одлуките на локално ниво, рече Ангелоска.

Информира дека во програмата е предвидено, во рамки на општинската зграда,  во иднина да се обезбедат посебни инфо пултови и приемни шалтери на кои граѓаните ќе можат полесно да се информираат и да бидат упатени како најлесно да можат да ги завршат своите обврски. Дополнително ќе биде воспоставена и ефикасна телефонска и електронска комуникација преку отворени телефони за прашања и поплаки.

OhridNews