Охрид не заслужува да биде меѓу најзагадените градови во државава. Потребно е да се дејствува што поскоро и да се реализираат предвидените мерки, но и да се прават измени доколку е можно во согласност со моменталните потреби, со оглед дека Планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух во општина Охрид се носи за еден подолг период од 2023-2027 година, посочи на денешната 53-та Седница на Совет, советничката од СДСМ, Живка Ангелоска.
Воедно повика да не се усвојува Извештајот, не од политички причини, туку во насока на подобрување на условите и квалитетот на живеење во градот.
Дали може да се прати актуелната состојба и да се прават измени на Планот бидејќи е долг периодот од 2023-2027 година, а некогаш условите во кои живееме налагаат да се дополни и прошири планот со нови мерки. А нормално во извештајот ќе биде наведено тоа што е реализирано. Мерките не ве засегаат само вас како служба, туку сите нас кои живееме овде. Поенатата е дека итно и веднаш треба да се реализира тоа што е предвидено и да се соработува и со граѓаните. Не му даваме важност на ова прашање и не обрнуваме внимание на нешто што е од суштествено значење за нас како граѓани. Затоа повикав да не се изгласа овој извештај само со добри намери, да се подобрат условите и квалитетот на живеење во градот, вели Ангелоска.
Ги спомена мерките кои се наведени во извештајот во поглед на субвенционирање за набавка на инвертер клими за кои годинава е предвидена далеку поголема сума на средства, но истакна дека и нема реализација на мерката за субвенционирање на семејствата заради поставување сончеви колектори.
Една од мерките е и зајакнување на свеста на граѓаните за чистење на оџачите, која не е реализирана, можеби треба да се субвенционираат граѓаните и за чистење на оџаците. Гасната станица, поголем проект, во кругот на училиштето со цел да се гасифицира централното градско подрачје, да се приклучат јавните објекти најпрво, е многу далеку од почеток, но ова е многу долгорочен процес. Наведено е дека продолжуваат активности за поголема енергетска ефикаснот на училиштата. Наведено е и оптимално регуларирање со сообраќајот во централното градско подрачје кое воопшто не соодејствува со реалност. Се вели и дека ќе има зголемен надзор на градежните активности за да се намали прашината. Кога имаме градежна експанзија не само што има прашина туку има и кал, узурпирани јавни површини, тротоари, а не пак да се намали емисијата на прашина, потенцира Ангелоска.
Посочи и на депонијата Буково од каде, вели, го чувствуваме интензивно мирисот од горење посебно во летниот период, а дополнително тука е и Мауцкер која се повеќе расте, не само како депонија за градежен шут.
Кога се работи за здравјето, нема политика, треба единствено да се дејствува и заедно за подобрување на условите. Да се направи Комисија која стрикно ќе работи заедно со службите за измена на овој План и сторго да се контролира реализација на мерките. Охрид не смее да биде на скалата на загадени градови, додаде Ангелоска.
Советничката од Левица Виолета Аврамоска истакна дека изразува поддршка на сите мерки кои се преземаат посочувајќи дека и колку средства да се одделуваат за оваа намена се малку, но го потенцираше урбаниот хаос.
Една од причините која некако ја премолчуваме сите е хаосот во урбанизацијата. Секој кој има елементарно познавање од екологијата знае дека урбаниот хаос, згради изградени една до друга кои ја намалуваат циркулацијата на воздухот и го уништуваат зеленилото, се едни од причините поради кои охриѓани денес го дишат најзагадениот воздух во Македонија. Овде не зборувам за дивоградбите, туку за легално израдените згради, проблем кој веќе 20 години ни се провлекува во Охрид. Сметам дека штета веќе е направена и дека не можеме којзнае колку да ја поправиме, урбаниот хаос продолжува и понатаму и затоа мерките кои ќе се преземаат нема да ги дадат посакуваните резултати барем не тие кои ги очекуваме, посочи Аврамоска.
Јасминка Момироска од Сектор за животна средина при Општина Охрид истакна дека Планот е изработен од страна на Министерството за животна средина, инспекциските служби на терен спроведуваат активности и неделни извештаи се праќаат до Министерството. До сега, вели, забелешки од Министерството нема.
Планот за амбиентен воздух е изготвен од страна на Министерство за животна средина со нивни средства и со ангажирање на консултантска куќа. Тоа што вие нагласивте мерките кои се предвидени се од Министертсво за животна средина во консулатција со нас како служби. Слични мерки се предвидуваат за сите градови. Ако имате забелешки, Планот е со реализација до 2027 година кога ќе се донесе нов план и тогаш ви стоиме на располагање, а и ние како служба ќе согледаме дали има потреба од други мерки за да се предвидат. Во извештајот точно е наведено колку средства се предвидени за инвертер клими. Треба да се предвиде поголем буџет и повеќе средства за субвенционирање на клими. Во однос на чистење на оџаците предвидовме со ТППЕ Охрид да имаме состанок пред почетокот на грејната сезона во Охрид, но во Охрид нема лиценцирани оџачари. Општина Охрид законски тоа го прави за општинската зграда. Во извештајот посочени се и енергетската ефикасност на училиштата и Денот без автомобили, вели Момироска.
Посочува дека во однос на инспекцискиот надзор на ниво на држава изготвен е Акциски план за чист воздух, бидејќи не е само Охрид кој има проблем со загадениот воздух, туку и другите градови.
Доставен е тој план и ние како Одделение имаме обврска неделно да доставуваме извештаи до Министерство за животна средина, поткрепено со извештаи и записници од инспекторите. Инспекторите за животна средина имаат засилен надзор на Б-интегрирани еколошки дозволи, еколошки елаборати, на градилишта… Досега од Министерство немаме забелешки. Се сложувам донекаде со констатацијата на советничката од Левица дека голем проблем е урбанизација затоа што нема циркулација на воздух и тука не може нешто да се направи, а следејќи ја мониторинг станицата најголемите пикови се навечер само од загревањето со фосилни горива и од несовесноста на граѓаните кои горат се и сешто. Треба сами да си ја подигнеме свеста и да сме свесни дека самите се труеме, додаде Момироска.
Инаку, Извештајот за реализирани активности по однос на мерките предвидени во Планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух во општина Охрид за период 2023 – 2027 година беше изгласан на одржаната Седница на Совет.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска