Имам искуство и капацитет и добро ја познавам функцијата Градоначалник, вели претседателот на советот на Охрид, Живка Ангелоска, додавајќи дека е подготвена да се втурне во политичка битка за избор на градоначалник доколку ја добие довербата од матичната партија – СДСМ. Без оглед кои ќе бидат кандидатите за прв човек на градот, Ангелоска очекува позитивна и фер кампања. Смета дека актуелната политичка ситуација не треба да влијае на работата на Советот, кој во периодот на избори ќе функционира во рамките на своите надлежности, а во согласност со Програмата за работа за 2019 година. Во разговор за OhridNews 45-годишната правничка со положен правосуден испит и работно искуство во јавните претпријатија „Охридски Комуналец“ и „Градски пазар“, а од 2013 година во приватниот сектор, се осврнува на работата на советот, политичката култура кај нас, како и на положбата и можностите на жената во македонското општество.
ON: По само нешто повеќе од една година од конституирањето, сегашниот состав на советот на град Охрид е исправен пред сериозни предизвици. Практично советот сега ќе влезе во своевиден вакум период, бидејќи претстојат предвремени локални избори за градоначалник по ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски. Како тоа ќе влијае на работата на советот, со оглед на тоа дека оваа институција носи одлуки од исклучителна важност за граѓаните и функционирањето на градот?
Ангелоска: Ненадејната смрт на нашиот градоначалник претставува голема загуба за сите граѓани, изгубивме човек- визионер кој пулсираше со градот, трагаше по системски решенија за проблемите од локален карактер, гордо ја извршуваше функцијата и наметна едно високо ниво во начинот на претставување на општината, непосредност во комуникацијата со граѓаните и одмерено, ненаметливо претставување во јавноста преку медиумите. Советот изгуби соработник кој не наметнуваше сопствен став и знаеше да го испочитува нашето мислење. Во однос на правната легислатива, во периодот од распишувањето па се до завршувањето на изборите, Советот континуирано ќе функционира во рамките на своите надлежности, а во согласност со Програмата за работа за 2019 година. При тоа во целост ќе се почитуваат одредбите од Изборниот законик, Советот нема да носи одлуки за избор и именувања на членови во органите на јавните служби, изменувања и дополнувања на Буџетот на општината, основање јавни служби во рамките на надлежноста на општината и сл.
ON: Технички локалната самоуправа функционира со в.д. градоначалник кој дојде од редовите на советот, што, пак, предизвика и измени во составот на самиот совет. Колку тоа се рефлектира на работата на советот во моментов?
Ангелоска: Вршителот на должност Градоначалник е избран од редовите на советниците, консеквентно на тоа до завршување на изборите за избор на Градоначалник Советот ќе функционира со 22 советници. В.Д. Градоначалникот беше координатор на советничката група на СДСМ со коалицијата, секако дека се чувствува неговото отсуство од позиција на советник, но не е нарушено мнозинството на советничката група во Советот.
ON: На Балканот се уште политиката во голем дел се смета за машка работа. Но, вие го докажувате спротивното. И претходниот совет го водеше жена. Како се справувате со колегите од посилниот пол, каква е политичката култура во овој состав на советот, ја има потребната почит и рамноправност или се уште се провлекуваат рецидиви од минатото?
Ангелоска: Колку и да посакувам рамноправна позитивна конкуренција која се заснова исклучиво на компетентност, стручна оспособеност и квалитет, морам да признам дека рецидивите и стереотипите од минатото во однос на положбата на жената во општествено-политичкиот живот не се во целост искоренети. За политичка кариера на една жена потребни се големи откажувања, дополнително ангажирање, максимално вложување во својата професионална и политичка надградба, упорност, балансирано и одмерено сопствено претставување кое доликува на една жена и несомнено безрезервна поддршка од семејството. Особено сум горда бидејќи веќе втор пат Советот избира жена за свој Претседател и би сакала ваквата пракса да продолжи. Секогаш истакнувам дека политичката култура во овој советнички состав е на особено високо ниво, има многу одлуки кои едногласно сме ги усвоиле или не сме ги усвоиле, како и одлуки за кои советниците не го усогласиле своето мислење. Потекнуваме од различни политички партии, по одредени прашања имаме различно мислење, различни политички ставови, но никогаш никој не посегнал по туѓиот авторитет и туѓото достоинство.
ON: До сега ниту една дама од Охрид не била во најтесен избор за градоначалник. Размислувате ли можеби да се втурнете во политичката борба за градоначалник на претстојните вонредни избори во Охрид?
Ангелоска: Можностите се стеснуваат и шират пропорционално на нашата храброст, а храброста и самодовербата се основани тогаш кога се темелат на искуство и знаење. Ја спомнувам храброста, бидејќи функцијата градоначалник претставува голема чест, но уште поголема одговорност. Како Претседател на Советот можеби природно е да се спомнува моето име како кандидат за Градоначалник. Ги познавам надлежностите на Градоначалникот, состојбата во општината, проблемите и предностите, тековните проекти, а долгогодишното работно искуство во јавните претпријатија, најпрвин во ЈП Охридски Комуналец како раководител на Секторот за општи, правни и кадрови работи, а потоа како директор на ЈП Градски Пазар ми овозможија добро да ги познавам и состојбите во јавните претпријатија. Веќе пет години сум Координатор на Форумот на жени на ОО на СДСМ во Охрид во која ги поттикнував жените за целосно вклучување во општествено-политичкиот живот и партиципирање во донесувањето на одлуките. Сега, кога веќе директно ме прашувате, доколку јас ја добијам довербата од мојата матична партија, ќе го прифатам предизвикот.
ON: Иако локалните избори допрва ќе бидат распишани, во полн ек е политичката борба на кандидатите во партиите. Некои ја водат суптилно, други отворено, трети со разни средства. Деновиве нема медиум кој не шпекулира на оваа тема. Како гледате на ова и сега кога веќе официјално ги најавивте амбициите, кој ќе бидат вашите адути во трката за кандидатура за градоначалник и очекувате ли фер политичка борба внатре во вашата партија и воопшто на политичката сцена во Охрид?
Ангелоска: Мојата најголема желба е да ја добиеме можноста да го завршиме мандатот кој го добивме на локалните избори, да ја реализираме програмата со која се претставивме. Тогаш ја добивме довербата на граѓаните, големата доверба значи уште поголема одговорност. Ветувањата што ги дадовме треба да ги реализираме, тоа им го должиме на граѓаните, треба да ги искористиме бенефитите од Владата. Никогаш не сум сметала дека човек треба да го изгуби својот идентитет тогаш кога се обидува да ги освои симпатиите на граѓаните, авторитетот го градиме во текот на целиот свој живот. Она што би сакала да биде позастапено во општината е партиципативната демократија, што поголемо непосредно учество на граѓаните во донесување на одлуките. Одлуките не се составуваат во канцеларија, тие треба да произлезат од мислењето и потребите на граѓаните. Како жена секако блиски до мојата природа се работите од социјалната сфера, вложување во образованието, училиштата и градинките, во детската заштита, спортот и младината, културата, што повеќе зелени површини, одмерен урбанистички развој и максимална соработка со субјектитте во туристичкиот сектор за изнаоѓање решенија за побогата и подолга туристичка сезона. Свесна сум дека не секогаш другите не перцепираат онака како што самите се гледаме или како што посакуваме да не гледаат. Безрезервно верувам во мојата политичка партија дека ќе го понуди најдобриот кандидат, бидејќи она што е најбитно за мене е да ја добиеме можноста ветеното во 2017 да го реализираме. Очекувам позитивна фер кампања за време на изборите, функциите се минливи и менливи, сите ние без разлика на политичката определеност сме граѓани на Охрид, пријатели, соседи, познаници, треба заедно да живееме и да делуваме за негова подобра иднина.
ON: Во советот се испреплетени многи политички интереси, дотолку повеќе што составот со оглед на коалицискиот карактер на најголемите советники групи, е прилично шаренолик. Тука се и други интереси, на партиите, бизнис заедницата, урбанинизмот, на влијателни групи и граѓани. Како го менаџирате овој момент и колку советниците се отпорни на надворешни влијанија. Што преовладува, интересот на граѓаните или?
Ангелоска: Точно е дека составот на Советот е доста шареноик, различен, често имаме различни мислења, има многу одлуки кои не ги донесовме, но можеби разноумието е предност, а не слабост. Јас сум Претседател на сите советници се обидувам да има што поголема соработка, интересите на граѓаните да ги ставиме пред политичките интереси. Советникот не го добил својот мандат за да си ги задоволува личните интереси, туку да ги претставува граѓаните во локалниот претставнички дом и да работи во насока кон задоволување на потребите на граѓаните кои му ја дале довербата.
ON: На 5 февруари ја свикавте 24 седница на советот. Дали таа ќе биде последна пред локалните избори, кој ќе биде статусот на институцијата за време на изборниот период и каква расправа очекувате, со оглед на тајмингот во кој се одржува седницата?
Ангелоска: 24 седница е веќе закажана, очекувам дека позастапени ќе бидат политичките говори, но познавајќи ги своите колеги советници, убедена сум дека ќе се задржи високото ниво на политичка култура и неповредливоста на туѓиот авторитет и интегритет.
ON: Што прави Живка Ангелоска надвор од политиката, дали има и како го минува слободното време?
Ангелоска: Семејството претставува извор на енергија за живот. Сакам секој слободен миг да го поминам со семејството. Мојот син впрочем како и за секоја мајка претставува сиот мој свет, лек против секоја болка. Посветувам многу време на неговото насочување во животот, совладување на материјата што се бара во училиштето и почитување на вистинските морални вредности. Како верни фанови на ракометот фамилијарно од трибините редовно го бодриме Ракометниот Клуб Охрид. Љубител и колекционер на книги, на убавиот пишан збор и занесеник по попладневните прошетки низ нашиот град.
OhridNews