Општина Охрид, трета година по ред е дел од програмата  „ Општинско корисна работа”  што се реализира со финансиска поддршка од страна на УНДП. За имплементација на активностите за кои УНДП обезбедува поддршка во рамките на проектот„Промовирање на одржливи вработувања и поддршка на Владата во спроведување на Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување за 2015“ ,  во соработка со Центарот за вработување  и  Меѓуопштински центар за социјална работа, започна со имплементација на активности во дисперзираните градинки  во руралните средини и во дел од градинките во градот, а ставен е во функција и Транзитниот центар за деца на улица.

Како што информираат од локалната самоуправа, со програмата веќе се ангажирани 11 лица, од кои шест во дисперзираните градинки  и пет за потребите на Транзитниот центар за деца на улица.

Ангажираните лица подолго време се невработени и активни баратели на работа како и лица од ранливи категории, од кои две се мајки на деца со посебни потреби и една самохрана мајка, како и невработени  лица кои потешко се вклучуваат во пазарот на трудот, велат од локалната самоуправа.

Оттаму потенцираат дека општина Охрид преку имплементација на програмата ќе го поттикне социјалното вклучување на долгорочно невработените лица на определено и скратено работно време, а воедно ќе се придонесе  лицата од ранливите категории кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот да ги унапредат професионалните вештини.

OhridNews