Туризмот ги даде очекуваните резултати, а сезоната беше успешна истакна министерот за економија, Крешник Бектеши, додавајќи дека кампањата „Дома си е дома“ и ваучерите за поттикнување на туризмот ги привлекоа домашните туристи, а безбедносниот печат значително придонесе за странските гости.

Бектеши најави дека дигитализацијата и промоцијата на земјава како атрактивна дестинација, ќе бидат меѓу приоритетните активности во областа на туризмот.

Туризмот во светски рамки беше еден од најпогодените сектори. Владата го поддржа со конкретни мерки и активности. Според сите показатели, годинава се постигнати очекуваните резултати. Имајќи ги предвид бројките, мерките дадоа видливи резултати. Во периодот јануари – јули 2021 во однос на истиот период лани, бројот на туристи  е зголемен за 56,6 отсто или регистрирани се 320.000 туристи кои оствариле над еден милион ноќевања, рече Бектеши.

Освен субвенциите кои во целот ќе бидат исплатени следната или најдоцна во наредните две недели, имаше, подвлече Бектеши, и директни грантови за надминување на кризата.

На настанот, покрај Бектеши, се обрати и директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски.

Туризмот ја живее новата реалност, се менува, а ние треба да се прилагодиме. Каков туристички сектор ќе изградиме, во таков ќе работиме. Менувањето на целните групи покажува дека се повеќе и повеќе туристите ќе бараат природа, авантура и тие ќе бидат многу поразлични од 2019 година. Ќе имаме помалку масивни тури, а повеќе селективни форми на туризам. Тоа значи дека и промотивните кампањи за тие целни групи треба да бидат дигитализирани, затоа АППТ заедно со министерството за економија и туристичкиот сектор во наредните една до две години, ќе ја создаде платформата е туризам, од каде што ќе можеме да мериме многу разботи, да вадиме статистички податоци, кои ќе ни помогнат да имаме подобри и поконкурентни стратегии, кратки, но и долгорочни. Всушност и Стратегијата која ја очекуваме во туризмот, треба да го покаже тоа. АТТП во 2022 година ќе работи повеќе на промоција и дигитализација и на новата туристичка реалност.

Ќе се потрудиме да привлечеме што поголем број тур оператори кои би ја посетиле нашата земја и би оствариле контакти со претставници од нашиот туристички сектор и повеќе да ја конектираме Македонија со другите туристички дестинации. Само така може наредните години да имаме реален туристички раст, додава Јаневски.

Инаку, годинашниот Светски ден на туризмот, 27 Септември, се одбележува под мотото „Туризам за инклузивен развој“.

Н.С.Ј.