Креирање понуди за мали групи туристи кои сакаат неоткриени дестинации и кои повеќе трошат, нови атрактивни локации и викенд пакети, развивање еко и рурален труизам, вложување во сместувачки капацитети, во услуги, но и во соодветни кадри. Ова се само некои од начините што ќе овозможат домашниот туристички производ да остане конкурентен и да ги следи трендовите што ги наметна корона пандемијата, вели директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски.

Како што истакна Јаневски, ако не успееме да се прилагодиме, ќе останеме брзо зад другите и од лидер за раст во Европа, можеме да станеме дестинација која бавно закрепнува по КОВИД-перидот. Според него, повеќето земји стартуваат со големи буџети, поради што конкурентноста во регионот и во Европа е многу голема и препорачува секторот што помалку да размислува за субвенционирање и помош.

Согласно септемвриската статистика, државава како туристичка дестинација надмина два милиона ноќевања, а стопроцентно се реализирани и субвенциите, вкупно 542.271 евра, од кои домашните оператори добија 6.721 евра, а странските 535.550 евра. Јаневски додаде дека се враќаат српскиот, полскиот и косовскиот пазар. Во однос на турските гости, од АППТ најавуваат дека со Турција се преговараат нови чартер летови од Истанбул за Скопје и за Охрид, како и од Измир за Скопје и за Охрид.

 

Kоментирајќи го буџетот што и е одобрен на Агенцијата за 2022 година, Јаневски подвлече дека токму од висината на доделните средства ќе зависи реализацијата на многу проекти и учеството на саеми. Со оглед на тоа дека организацијата за саемските манифестации се одвива пред официјалното одборување на буџетот од Владата, АППТ не е во можност да продолжи со организација на овие настани.

 

За реализација на договорните услуги, во кои спаѓаат договори за саемски манифестации, информативни патувања, медиумска кампања, реализација на проекти за поддршка на туизмот, тендерски постапки и слични круцијални активности од севкупното работење АППТ,  проектирана е сума во буџетот во износ од 10.000.000 денари што e за најмалку 20.000.000 денари пониска од потребната. Согласно ова, АППТ не е во можност да ги реализира основните програмски активности кои попатно се и неопходност за приватниот сектор да пристапи кон закрепнување.

АППТ изготви Стратешкото планирање за 2022 година земајќи ги предвид трендовите и чекори за закрепнување. Проектираните средства за закрепнување на туристичката индустрија се во висина од 43.690.000 денари. Пласманот на овие средства е проектирано да се остварува во 2022 година, и менува во зависност од потребата и неопходноста доколку наложи така развојот на пандемијата од Ковид 19. Во овој момент, АППТ има одобрено 22,89% од проектираните, неопходни средства за реализација на основната дејност од програмата на АППТ, истакна Јаневски. Ултимативната цел е да се остварат промотивни активности со кои ќе се поддржи туристичката индустрија во борбата за постигнување на резултати блиски до оние во 2019 година.

Во насока на оваа цел се барањата на туристичкото стопанство, врз основа на кои се структуираше стратегискиот план за 2022 година, а во кој акцентот е ставен на зајакната промотивна активност на странски пазари кои според движењата се определени како приоритетни, или таргет земји. За закрепнување на туристичката индустрија неопходен иницијален чекот е интензивна промоција, за што е неопходно нивото на сретства кое АППТ го имаше на располагање во 2019та година, вели Јаневски. 

На денешната прес-конференција беше образложена потребата и неопходноста од користење на модерни алатки за промоција и реализација на истите во рамките на одобрени буџетски средства. Потребно е да се пристапи кон реализација на истото во рамките на одобрените буџетски средства. Потребата за ваков тип рекламирање се темели на детално и долгорочно истражување за трендот на рекламирање кој во минатото бил пракса на АППТ но се прекинал. Овој тренд на рекламирање во 2022 година посебно се однесува на брендирањето на Република Северна Македонија како туристичка дестинација и негово комуницирање со потенцијални туристи и соработници преку користење на овие два канали за промоција (Youtube i Google).

Ова значи креирање на бренд идентитет на државата, што според бројни истражувања и искуства е значаен елемент при постигнување на одередено ниво на препознатливост, која пак обезбедува додадена вредност и на други полиња. Со доделениот буџет за 2022 година, АППТ не е во можност да пристапи кон реализација на ова задолжение, заклучи Јаневски.

OhridNews