Анемијата е состојба која се развива кога телото има намален број на црвени крвни клетки или хемоглобин. Хемоглобинот е главен дел на црвените крвни клетки, го врзува кислородот и учествува во транспортот на кислородот до сите органи во човечкиот организам. Анемијата е доста честа болест која се јавува кај сите старосни групи и е причина за други болести.
Што предизвикува слабокрвност?
Анемијата може да биде предизвикана како резултат на загуба на крв, намалување на продукцијата на црвени крвни клетки и деструкција, (распаѓање) на црвените крвни клетки. Анемијата предизвикана од загуба на крв се развива бавно во текот на подолг временски период и може долго време да остане неоткриена. Загубата на крв обично се должи на некои гастроинтестинални заболувања, како чиреви, хемороиди, гастритис, канцер, обилни менструации кај млади девојчиња во текот на пубертетот и жени во постменопауза и при породување. Кај анемијата предизвикана со намалена продукција на крвни клетки телото произведува малку црвени крвни клетки или пак црвените крвни клетки не функционираат правилно. Во оваа група спаѓаат железо дефициентна анемија, која е најмногу застапена во популацијата и е резултат на недостаток на железо во телото, кое е неопходно за создавање на хемоглобин. Нејзината појава е карактеристична кон крајот на зимата и рана пролет после подолг период, кога во исхраната недостигаат свежо овошје и зеленчук, богати со железо.
Српеста анемија, кај која црвените крвни клетки добиваат абнормален српест изглед поради генетски дефект и брзо се распаѓаат. Анемија како резултат на недостаток на витаминот В12 и недостаток на фолати, кои учествуваат во градбата на црвените крвни клетки. Анемијата која се случува, кога црвените крвни клетки се слаби и не можат да го издржат рутинскиот стрес на циркулаторниот систем, па доаѓа до нивно пукање, распаѓање, е позната како хемолитичка анемија. Иако причините за ваков тип на анемија не се доволно познати, се смета дека е последица на стрес, инфекции, отрови, одредени видови храна, тумори, потешки изгореници.
Како да се препознае анемијата?
Симптомите варираат во зависност од типот на анемијата и во почетокот тие можат да бидат благи и воопшто да не се забележат или да се помешаат со симптомите на други заболувања и луѓето не се ни свесни дека имаат анемија се додека не се направи рутински преглед на крвта.
Сепак најчести и заеднички симптоми за сите типови се лесно заморување и губиток на енергија, отежнато дишење. Овие симптоми се јавуваат бидејќи намалениот број на црвени крвни клетки содржат помалку хемоглобин, поради што е намалено снабдувањето со кислород на мозокот, срцето, мускулите. Исто така срцето забрзано работи со цел да се зголеми протокот на крв низ органите и да се надокнади недостатокот на кислород. Се јавуваат и главоболка, нарушена концентрација, вртоглавици, бледа кожа, грчеви во нозете, поспаност, намален апетит.
Лекување на анемија
Ако анемијата не се лекува на време тешката здравствена состојба на организмот, може да доведе до потреба од трансфузија на крв. Пристапите во лекувањето се различни и зависат од причините за анемијата. Поради тоа по потврдувањето дека се работи за анемија, важно е да се открие причината за анемија. Недостатокот на железо се надокнадува со примена на препарати кои содржат железо. Препаратите на железо најдобро е да се земаат пред оброк со цел подобро да се апсорбираат. Важно е да се напомене, дека овие препарати треба да се земаат со голема претпазливост бидејќи прекумерното внесување може да биде придружено со некои несакани ефекти како повраќање, дијареа, главоболка, раздразливост, болести на срцето и во овие ситуации земањето на железо за време на оброк може да придонесе до ублажување на овие несакани ефекти.
За време на терапијата со железо треба да се избегнуваат препарати на калциум, или да се земаат во различно време во текот на денот, бидејќи калциумот ја попречува апсорпцијата на железо. Да се избегнува кофеин, односно кафе и чаеви кои исто така ја отежнуваат апсорпцијата на железо. Правилно испланирана и комбинирана исхрана е значајна, особено кај лицата кои губат крв на било кој начин.
Во исхраната треба да доминираат црвено месо, особено говедско месо, спанаќ, брокули, цвекло, грав, грашок, јаткасти плодови, суво овошје, риба, морски плодови, јајца, сирење и пченица. Исто така со исхраната треба да се внесува и доволна количина витамин Ц, кој ја поттикнува апсорпцијата на железо, па затоа е добро со секој оброк да се испие чаша цеден сок од портокал, лимон и да се јаде што повеќе свежо овошје и зеленчук.
OhridNews
Текстот е дел од првиот број на Магазинот „Наше Здравје“ oвозможен од Аптеки ”Виа Фарм” и Стоматолошки центар ”Д-р Баткоски”