Се е подготвено за утрешниот подвиг на Јане Петков и поставување на нов светски рекорд во пливање со врзани раце и нозе, во вреќа, должина од 3,5 км., во водите на Охридското езеро. На денешната прес конференција Јане Петков кажа дека се чувствува одлично и дека е подготвен да плива врзан и постави нов светски рекорд.

Од страна на организаторот на овој несекојдневен и атрактивен настан Црвен крст Охрид, претседателот Сашо Точков беше кажано дека преземени се сите потребни мерки за безбедно одвивање на настанот, обезбеден е доволен број на екипи на спасители на вода и медицински екипи, судии кои ќе го следат настанот, како и друг технички персонал.

Денес беше извршени и здравствен преглед и лабораториски анализи на крв од кои се потврди специфичната здравствена состојба на Јане Петков со значително помали вредности на железо и хемоглобин во крвта, од нормалните вредности.

  • Сепак веруваме и посакуваме Јане Петков да успее во својот подвиг и токму во Охрид, на охридското езеро го постави новиот светски рекорд во пливање со врзани раце и нозе, во вреќа, велат организаторите.

Претставникот на општина Петрич, Бугарија, Евгениј Илиев го потенцира големиот интерес во Бугарија за овој настан и поддршката што општина Петрич му ја дава на Јане.

Јане Петков, утре, ќе стартува околу 9 часот од вода, пред плажата Немо (Горица 3).

OhridNews