Најдобрата македонската атлетичарка во маратонско трчање Адријана Поп Арсова и Кениецот Мозес Кипруто Кибире се победници на 33-то издание на Атлетскиот маратон во Охрид, кој се одржува по повод Денот на Независноста на нашата земја.
Кипруто, 30-километарската делница од Св. Наум до Охрид ја помина за 1 час, 42 минути и 59 секунди, додека Македонката Поп Арсова прва низ целта кај девојките влезе со 2 часа, 2 минути и 9 секунди и стигна до првиот триумф на Охридскиот маратон.
- Трката како и секоја година е многу тешка а годинава и времето не` не послужи. До 10-от километар барав ритам затоа што не можев да се навикнам на времето. После тоа фатив темпо и ја завршив трката онака како што посакував. – изјави Поп Арсова.
За дел од секундата Исак Кимутаи Нгено финишираше на втората позиција во машка конкуренција а трет заврши албанскиот претставник Илир Келези. Најдобар македонски атлетичар кај машките беше Атанас Анчевски, кој заврши четврти во генаралниот пласман. Втората и третата позиција во женска конкуренција им припаднаа на атлетичарките Кенија, Гладис Бивот односно Емили Черијот.
- Тешка трка во секоја смисла на зборот но дадов се од себе. Времето исто така тешко и едно време не се дишеше. При крајот ме фати голема криза и болки во нозете но издржав и среќен сум што ја завршив трката како најдобар македонски атлетичар. – рече Анчевски.
Во штафетната трка триумфираше тимот на ИПА Скопје, второпласиран заврши тимот на Предатори а најдобрите три ги заокружи екипата од АК Охрид.
OhridNews