Андреј Ал-Асади е добитник на наградата “Григор Прличев” за најдобра поема, за поемата “Никогаш пред ил’ потем” под шифра “Хидаспес”.
Андреј Ал-Асади (1996, Лондон) дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките “Midnight Blues” (2013, Антолог), како и „Под дервишовото сиќе“ (2018, ПНВ Публикации), „Небесна геометрија“ (2019, ПНВ Публикации) и „Секој секому огледало“ (2021, ПНВ Публикации) со кои трипати влезе во најтесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата, а добитник е на наградата „Енхалон“, што исто така ја доделуваат Струшките вечери на поезијата. Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 г. ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, Бегемот). Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, меѓу кои: Поетска ноќ во Велестово, Струшките вечери на поезијата, Светскиот поетски фестивал во Патрас, Грција, и на интернационалниот поетски фестивал „Стих у регији“ во Загреб, Хрватска. Негови песни се преведени на англиски, на арапски, на српски, на хрватски, на босански, на грчки и на италијански јазик. Член е на Управниот Одбор на Скопскиот поетски фестивал.
Комисијата за доделување на наградата “Григор Прличев” за најдобра поема во 2024 година едногласно одлучи да ја прогласи поемата “Никогаш пред ил’ потем” под шифра “Хидаспес”, стои во образложението на Одлуката.
Наградата “Григор Прличев” за најдобра поема ќе се додели на главната манифестација Прличеви Беседи на 5-ти февруари 2025 година.
Г.М.