Андреј Стојановски од Пливачкиот клуб Бета во машка конкуренција и Миа Крстевска од Пливачкиот клуб Орион во женска конкуренција се победници на 38-то издание на Илинденскиот пливачки маратон долг 2.5 километри.
Стојановски со време (31.19.10) прв ја помина целта и по шести пат триумфираше на патеката од Хотелот Парк до Градското пристаниште, додека Крстевска со триумф го круниса дебитанското учество на малиот маратон (36.02.60).
– За разлика од минатите години овој пат водата во Охридското езеро беше нешто поладна и разбранува. Во Охрид дојдов без ниту еден тренинг, бидејќи до 29 јули учествував на меѓународен турнир. Го сакам овој маратон и секогаш ќе го пливам во иднина. – изјави Стојаноски.
– Многу сум задоволна што моето прво учество го заокружив со победа во мојата конкуренција која не беше толку тешка. Момчињата ми беа голем предизвик и тие ме влечеа на некој начин да пливам побрзо и да победам. – рече Крстевска.
На втората позиција во машка конкуренција над 16 години се пласираше Мартин Тодоровски, додека третопласиран заврши охриѓанецот Милан Китевски. Во женска конкуренција втора финишираше Марија Ристовска , а трета заврши Јана Марковиќ.
– Условите беа идеални, а јас дадов максимум за да го испливам маратонот на кој си го подобрив рекордот за 4 и пол минути. Со тренинзи за маратонот и општо за натпревари на кои учествувам започнав во ноември месец во Хотелот Мираж, бидејќи во Охрид немаме место ниту за импровизиран тренинг. – истакна Китевски кој е дел од тимот на Делфини 2012.
Во категоријата под 16 години во машка конкуренција победи Денислав Косто, додека во женска триумфираше Јана Милковска. Место на пиедесталот кај машките обезбедија уште Андреј Стојчев и Андреј Стојаноски, а кај женските Калина Захариева и Сара Иваноска.
Годинешното 38-то издание на Илинденскиот пливачки маратон беше збогатено со три пливачи од Здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби “Дајте ни крилја” од Скопје. Членовите на здружението рамо до рамо пливаа со своите другарчиња од пливачките клубови.
– Голема чест и задоволство ми преставува што за прв пат во историјата на пливачките маратони во Македонија и пошироко имаме свои преставници. Горди сме на децата кои покажаа карактер и упатија јасна порака до сите, бидејќи и тие се луѓе иако имаат некои попречености во развојот. Децата и нивните родители имаа големи мотив да дојдат тука и да го испливаат маратонот. Јас и целото здружение од срце им честитаме и горди сме што имаме такви членови кои можат да се носат на исто рамниште со спортистите. – изјави преставникот на Здружението, Катарина Ивановиќ.
На популарниот мал маратон учествуваа рекреативци и гости од Полска и Бугарија кои имаат само позитивни впечатоци.
Мх.П.