Потегот на македонската евровизиска претставничка Андреа, и не сакајќи, ни направи таква забава што за момент заборавивме на сите проблеми и грижи – домашни и меѓународни, “што се нас тиче”, дури, му ја засени дешавката на Путин на Црвениот плоштад.

Не дека ние нема од што да се црвенееме, напротив. Меѓутоа, дешавката со Андреа и ни дојде како мелем на рана, пред се на Владата, за една мала оддишка – подобар спин-мајстор од Андреа ние немаме!

Но, шегата настрана, ако е само шега. Односно, ако и ние самите, како народ и како држава, не сме само една шега и ништо повеќе!

Работата стаса се до кривичарите, после првите реакции на критичарите и бранителите на Андреа. За професорот Калајџиев, “тази дупка и не е дупка!”, оти тоа е знаменце, а не знаме и тоа се фрла после секоја употреба! Божем симболот на една држава и една нација, се мери според должината на платното!?

Друг, пак, кривичар, професорот, пријателот од Охрид Стефан Буџакоски, бара да не ја браниме и напаѓаме Андреа, без да ги видиме мотивите и побудите, демек што ја натерало на тоа?

“За жал, ние правиме импровизации со недоречености и не сме организирани”, ќе заклучи Буџакот.

Е, тоа е тоа даскале. Ние сме неорганизирани, ние сме недоречени, ние сме една импрвизација и ништо повеќе!

И затоа, даскале, Андреа ни го џитна знамето, МТВ ќе ја џитка Андреа, ама, ајде сега да видиме, кој ја џитна МТВ?

Затоа што ние сме неорганизирани и недоречени, како поединци и како држава, таква ни е и МТВ, чиста импровизација. И како институција и како организатор на настани, особено евровизиски. Ова не и е прв скандал. МТВ влегува од скандал во скандал, затоа што самата е скандал. А скандал е само затоа што државата ни е скандал. И тоа не од вчера.

МТВ е јавен сервис. Како таква МТВ треба да биде финасирана и контролирана од јавноста – директно и индиректно. Директно – институционално, индиректно – од граѓанството кое ја плаќа. Порано беше се месечна претплата, сега е преку буџетот. Нашиот буџет!

МТВ директно може да биде контролирана од контролни, односно регулаторни тела. Такви се Управниот одбор и Програмскиот совет.

Контролните тела ги бираат народните претставници, кои седат во парламентот, луге кои народот, избирачите, “ги претставуваат!” преку дебелите плати, мрсните апанажи и десетиците илјади евра за патни трошоци. Во парламентот седат поединци кои, само за патни трошоци, досега лапнале и по стотина илјади евра. Белким Силва од Струмица не е единствената?

Седат, а ништо, или сосема малу нешто сработиле. Во случајов со Андреја, апсолутно ништо. Еве како.

Андреа во Торино ја испрати МТВ. За МТВ евровизија не е само настан, туку и можност за “расотки!”. Изминативе години, многу добро видовме кој се се’ рашетува и што таму се случува. Дали МТВ ќе ја џитне (врати во Скопје, Андреа), или не, е сосема ирелевантно.

Андреа тоа го направи во атмосфера на општа раскалашеност, односно импровизација, како што вели професорот од Охрид. Андреа е раскалашена, затоа што во Торино ја испратија такви како нејзе. МТВ е пак раскалашена, затоа што за неа се грижат ептем раскалашените и расклатени пратеници.

Осум години, два цели мандати, Собранието не може (или не сака!) да избере членови на Програмскиот совет, членови на УО. Ним им поминал законскиот рок, тие се дива лига, надиво избираат директори и други раководители. А сето тоа им го овозможува, нели, законодавниот дом!? Оној што ги носи законите и оној што не ги почиктува законите, оној кој, со законите, што ги носи – си ги бриши чевлите!

Собранието, преку Комисијата за избори и именувања, досега распиша два конкурси за избор на членови на регулаторните тела во МТВ. На оние кои се јавија на првиот конкурс им ги врати поднесените документи. Без никакво образложение.

Последниот претседател, Костадин замина за Струмица, а, пред него, замина и Илија од Велес. Оној што земаше плата од Собранието, а не ја свикуваше Комисијата. Не работеше за она што беше платен. Не го интересираа законите, туку партиските игри и интереси. Илија беше од ВМРО ДПМНЕ, Костадин беше и е од СДСМ.

Собранието распиша втор конкурс. Се јавија луѓе кои сакаат да придонесат во регулаторните тела. Луѓе со авторитет и знаење. Некои се јавија по втор пат. За да ги исполнат условите на конкурсот, се погрижија да достават документи и документи, препораки и потврди… Дури и документ за платежната состојба на субјектот кој ги препорачува, за што Централен регистер наплаќа дебела такса. Сума сумарум – едно две до три илјади денари!

Во чие име и со какво право Собранието им го побара тоа на учесниците на конкурост, ги изложува на трошоци? Во чие име и со какво право не ја заврши работата уште со првиот конкурс, а најверојатно нема да ја заврши и со вториот? Нели, службите и пратениците земаат плати? Тоа е исто како да повикате дома водинсталатер, му платите, а тој заминува и ве остава со пукната цевка која ви го поплавува станот! Нели е тоа криминално однесување? Неморално до коска!

Зошто Собранието не може, односно не сака да избере членови на низа регулаторни тела во земјата. Ние сме уставна демократија, а пратениците не можат, односно НЕ САКЛААТ (!) ДА ИЗБЕРАТ УСТАВНИ СУДИИ ЗА ДА ГО ПОПОЛНАТ ПОТРЕБНИОТ КВОРУМ! На што тоа личи?

Лидерот на опозицијата, која не е исто, ама е скоро исто виновна за состојбата, вели дека ќе го блокира Собранието. Како ќе блокира нешто кое е веќе блокирано со години наназад!? За да се блокира, треба претходно да се одблокира!

Јас не сум меѓу оние кои веруваат дека Собранието, пратениците тоа не го можат. Тие тоа го можат и те како, но, не сакаат. Или, тие сакаат, ама некој друг ги наведува на општ башибузук во земјата. Некому тоа му одговара: да нема отчетсност, да нема сменливост (според Устав и закони), да нема одговорност, да може Андреа да го џитка знамето, МТВ да ја џитне Андера, кога веќе самата е одамна џитната! А ја џитнаа токму оние кои треба да ја чуваат!

Значи, можат, ама не сакаат. Да сакаат, или да има некој што ќе ги натера на тоа, како попчиња ќе исполнат. Дека не зборувам напамет, ќе ви пренесам лично искуство.

Во 2007-та година, кога ние народните распуштеници се распуштавме до длабоко во ноќта, случајот сакаше да бидам со еден владин функционер – министер. Во глувата ноќ, му заѕвони мобилниот. Разговараше на англиски јазик. Ние распуштениците, разбегани по ходниците и собранискиот ресторан, одново се присобравме, се упристоивме, усвоивме некаков закон со кој нашите мировници, припадници на АРМ, можеа да тргнат за Кабул, да ја направат редовната смена.

Вие сте паметни читатели, знаете од каде стигна повикот!

Веле Митаноски

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.