Второпласираниот на табелата Металург 2 со победата 25-22 пред своите гледачи го запре гостинскиот налет на охридските ракометари во Супер лигата.


– Немам што да им замерам на моите ракометари кои го оставија срцето на терен и жално е што на крајот теренот го напуштија со наведнати глави. Повеќе од половина натпревар го контролиравме резултатот и играта, но дискутабилните судиски одлуки им дадоа ветер во грб на домаќините и успеаја да се вратат во игра – рече Андоновски.


Охриѓани во 40-та минута имаа предност од четири погодоци, но колата тргна надолу кога Атанас Поп-Стефанија заработи директен црвен картон.

– Од почетокот на сезоната не го коментирам судењето, но мислам дека Атанас беше престрого исклучен од натпреварот. Неговите повреди на лицето се видливи и мислам дека престрого беше исклучен од натпреварот – додаде Андоновски.

Во деветтата рунда од шампионатот „гладијаторите“ во „Билјанини Извори“ го пречекуваат составот на Работнички.

– Не гледаме назад туку само напред. Не очекуваат два меча по ред на домашен терен кои мора да ги добиеме и да продолжиме со остварување на нашата цел, а тоа е пласман во разигрувањето – заврши охридскиот стратег.

Мх.П.