Охридските ракометари не успеаја во обидот да се пласираат во горниот дел од табелата во Супер лигата откако регуларниот дел од сезоната го завршија на седмата позиција.


„Гладијаторите“ мораат да се задоволат со мечевите од плејаут лигата иако се градеше тим за поголеми дострели.

– Гледајќи го крајниот исход на табелата ние заостанавме три бодови. Неопходните бодови за пласман на посакуваните места ги загубивме на домашен терен во првиот дел од сезоната. Во одредени мечеви немавме ниту среќа што е потребна за тесни натпревари какви што одигравме неколку сезонава. – рече тренерот на Охрид, Горан Андоновски.


Втора сезона по ред охриѓани се дел од екипите кои ќе играат за опстанок, но за разлика од првата уште не почнат плејаутот опстанокот е обезбеден.

– Респектабилна и квалитетна екипа не се гради за една или две сезони туку во континуитет неколку години. Со малите промени во пролетниот дел веднаш добивме на квалитет што беше евидентен во продолжението од шампионатот. Сезонава беше одлична шанса за пласман во плејфот бидејќи од другата ќе се зголеми квалитетот во лигата со влегувањето на Вардар и уште една екипа од Првата лига. – додаде Андоновски.


Охридскиот стратег има големи замерки за судиите кои немаат исти критериуми во „Билјанини Извори“ и на мечевите кои Охрид ги игра на гостински терен.

– На мечот со Металург 2 во Скопје на четири разлика бевме драстично оштетни по што домаќините се вратија во игра. Истото ни се случи во Радовиш кога судиите немаа исти критериуми, а со Прилеп во Охрид судиите толерираа и напад повеќе од една минута. – потенцираше Андоновски.

Натпреварите од плејаут лигата охриѓани ги започнуваат викендов против Работнички во Скопје.

Мх.П.