Со ремито 23-23 против Овче Поле охриѓани стигнаа до четвртиот бод во третиот натпревар во Супер лигата. Според предводникот на охридските ракометари Горан Андоновски, тој не е разочарувачки резултат.

– Во текот на целиот натпревар се менуваше тимот кој водеше. Тоа значи дека одигравме солиден натпревар против една искусна екипа во Супер лигата како што е Овче Поле. Не е ништо разочарувачки што ремизиравме на домашен терен. Публиката која одново дојде во голем следеше одличен натпревар – рече Горан Андоновски.

Импулсивниот тренер во повеќе наврати негодуваше на одлуките на судискиот двоец Тодоровски – Митрески од Битола.

– Имам повеќе замерки за арбитражата на битолската судиска двојка која две три дискутабилни одлуки ги донесе во корист на гостинскиот состав. Незамисливо е во модерниот ракомет еден напад да трае повеќе од две минути, а тоа го дозволуваа судиите – смета Андоновски.

Фантастичен натпревар во спортската арена „Билјанини Извори“ одигра гостинскиот ракометар, Василевски, кој погодуваше од секаде и постигна 13 голови.

– Ние примивме 23 гола во целиот натпревар што мислам дека е одлично за дуел во Супер лигата. Мислам дека не треба да ја менуваме целата концепција за еден играч, кој денес имаше свој ден и погодуваше од секаде – заклучи стратегот на охридската клупа.

Мх.П.