Охридските ракометари за триумф над „фенерџијата“ Куманово го одбраа потешкиот пат. „Сините“ имаа предност од три погодоци на полувремето, а во 50-та минута бркаа негатива од три погодоци за на крај да слават со 28-26.


– Пред натпреварот напоменав дека нема слаба екипа во Супер лигата. Тоа го покажа тимот на Куманово, кој не намачи да го совладаме. Последните 15 минути од мечот ги одигравме еуфорично, публиката многу ни помогна во тоа ја кренаа екипата која стигна до многу значаен триумф во суперлигашкото друштво. Овој триумф ќе ни даде позитивна насока во сезоната оти ако го загубевме дуелот со Куманово екипата ќе паднеше на психолошки план – рече охридскиот стратег Горан Андоновски.

При резултат 24-21 за гостите Андоновски побара минута одмор, по која охриѓани направија серија од 7-0 и го осигураа вториот триумф во Супер лигата.

– На тајмаутот им реков на играчите кои го почнаа натпреварот да дадат се од себе и да „изгинат“ на терен бидејќи тогаш на негатива од три разлика нема што да изгубат. Промената на голманите мислам дека многу ни помогна, Китевски во неколку наврати интервенираше бравурозно што им даде дополнителен штимунг на ракометарите – заклучи Андоновски.

Охридските „гладијатори“ уште едан натпревар играат на домашен терен овој пат против Текстилец од Штип во шестата рунда од Супер лигата.

Мх.П.
Фото : Емилио