Охридските ракометари со реми против Прилеп 22-22 ја започнаа втората сезона во суперлигашкото друштво и наговестија возбудлива ракометна година.

– Поделбата на бодовите мислам дека беше најреален резултат и одличен почеток на Супер лигата за нас. Постарите љубители на ракометот знаат што значи да се игра во Прилеп и да се донесе еден бод од таму. Ние до крајот на првенството ќе се бориме и ќе направиме се да ги доведеме македонски гиганти Металург и Вардар во „Билјанини Извори“ – рече Горан Андоновски.

На мечот со прилепчани петте нови засилувања добија шанса во дресот на Охрид и сите го задоволија охридскиот стратег.

– Засилувањата прикажаа одлични перформанси што ми е посебно драго бидејќи ова за нив беше прв официјален натпревар. Голманот Колев го потврди своето ниво, Николиќ не погреши во финишот, Вешоски одигра тимски, изненадување беше добрата партија на Трајчески, а Печенковски одигра солиден натпревар по слабите предсезонски мечеви- потенцираше Андоновски.

Во последниот напад „сините“ одиграа доста мирно и паметно овозможувајќи на Николиќ чиста позиција за погодок што донесе реми.

– На тренинзите секогаш тренираме напад со играч повеќе, овој пат прекршокот беше на десна страна и логички е нападот да заврши на левата страна од теренот. И да, за среќа со погодок – заврши стратегот на охриѓани.

Мх.П.