Охридските ракометари иако сеуште непочнат плејаутот сепак чекорат кон зацртаната цел пред почетокот на сезоната, опстанок во Супер лигата.

– Овче Поле и не ни беше некој конкурент за опстанокот бидејќи и да се останеше ќе стартуваше со девет бодови во трката наспроти нашите 14. Секако дека е олеснителна околност нивното откажување, но ние треба да го одиграме нашето во плеј аут завршницата и нема од никој да зависиме- рече охридскиот тренер Горан Андоновски.

Охриѓани со натпреварите во втората фаза во Супер лигата започнуваат второто коло против Преспа бидејќи во првата се слободни.

– До нашиот прв натпревар во плејаутот има половина месец, временски период за санирање на повредите и искористување за подигнување на формата. Стартуваме пред своите гледачи со Преспа, а тој меч е еден од позначајните натпревари во плејаутот бидејќи со трите бодови широко си ги отвараме вратите за опстанок – истакна стратегот.

Во охридскиот тим веќе се мисли за следната сезона откако во првата екипа мина низ играчки турбуленции.

– Следната сезона ќе доведиме неколку ракометари кои ќе го подигнат квалитетот на екипата, но ќе го задржиме костурот од оваа. Другата година со верната охридска публика и со едногодишното искуство во Супер лигата се надевам дека ќе се бориме за плеј оф, а не за плеј аут – заврши Андоновски.

Мх.П.