Петкратниот шампион на Македонија, Пелистер го положи оружјето во „Билјанини Извори“ претрпувајќи минимален пораз 22-21 од ракометарите на Охрид.
„Гладијаторите“ во драматичната завршница беа поприсебни и повеќе ја посакуваа победата која ги лансира во горниот дел од табелата.
– Пелистер е исклучителна квалитетна екипа со пет интернационалеци во својот состав. Сите очекувавме ваков натпревар каде се водеше жестока битка за секоја топка. На крајот кога ќе сумираме се мислам дека заслужено го добивме натпреварот. Го контролиравме резултатот и играта речиси во целиот меч, а Пелистер успеваше само да ни се доближи. – рече охридскиот стратег.
Тој дуелот со Металург во среда со почеток во 20 часот го најави како празник на ракометот во Охрид. – Натпреварот со Металург ќе биде вистинско уживање за нас како клуб, за охриѓани и сите вљубеници во спортот. Се надевам дека Металург ќе го пречекаме пред полна сала и ќе одиграме добар натпревар против нив. – додаде Андоновски.
Мх.П.