Со новите две засилувања Мите Караиванов и Милан Левов и големата желба кај сите останати играчи во составот, охриѓани го „здробија“ составот на Прилеп со 31-20. За прв пат охридскиот стратег Горан Андоновски беше на слатки маки и можеше да избира со кој играч или пак формација ќе го почнe натпреварот.


– Направивме добра, комлетна и пред се респектабилна екипа за продолжението од сезоната. Не сакам да сум скромен и ќе кажам дека со овој моментален тим можеме му парираме и на Зомимак, кој е неприкосноевен на табелата во Супер лигата. Најмногу ме радува физичката подготвеност на играчите за што работиме од почетокот на сезоната. Мислам дека тоа ќе биде и нашиот џокер во одлучувачки натпревари. – рече Андоновски.

Во четирите натпревари од регуларниот дел од Супер лигата „гладијаторите“ мораат да ги добијат сите и амбициите да ги претворат во реалност.

– Се дури има шанса ќе се бориме и нема да се предадаме. Ќе одиме чекор по чекор и нема да ме интересираат резултатите од другите натпревари. Ние си имаме наш план и победнички ќе одиме да го оствариме. – додаде Андоновски.


Охридскиот стратег се осврна и на Купот на Македонија за кој допрва ќе се влечат четвртфиналните групи.

– Посакувам да го избегнеме Вардар и по можност мечевите од четвртфиналето да ги играме во Охрид. Охриѓани заслужуваат да гледаат елитен ракомет, бидејќи четири сезони несебично не поддржуваат. – заклучи тренерот на Охрид.

До почетокот на сезоната „гладијаторите“ со сигурност ќе одиграат контролен натпревар против втората екипа на Вардар и уште еден ако се најде соодветен противник.

Мх.П.