Ракометниот клуб Охрид на гостински терен против Работнички од Скопје ќе ја отвори новата сезона вкупно трета во суперлигашкото друштво.


И оваа сезона како претходната охридскиот клуб има амбиции за пласман во плејофот односно разигрувањето за титулата со Вардар и Макс Струмица.

– Амбициите се исти како и од минатата сезона кога за еден натпревар ни избега пласманот во плејофот. Сезонава нема да ги повториме грешките кои ни ја скратија можноста да играме мечевите со најдобрите екипи во Македонија. Конкуренцијата од минатата сезона е дупло поквалитетна, но тоа на сите нас не мотивира. Гледав многу жар на тренинзите и во контролните мечеви кои ги игравме и се надевам на успешна сезона за Охрид во Супер литата. – рече Горан Андоновски тренер на екипата.


Прв ривал на „гладијаторите“ е составот на Работнички кој е видно изменет со доведувањето на репрезентативците Велко и Никола Маркоски, Златко Мојсоски, Ванчо Димоски и Мите Стоилов. „Црвените“ исто така имаат амбиции кои достигнуваат и пласман во Европа.

– Нивниот ростер доволно кажува за каква екипа се работи. Не се подготвуваме специјално за нив туку за целата сезона. Работнички ќе биде тест за нашите можности, но нема ништо да биде пресудно. – додаде охридскиот стратег.

Во мечот кој се игра во петок во 20 часот охриѓани можат да настапат без средниот бек Јосип Кежиќ кој мака мачи со повредените лигаменти на левото колено.

Мх.П.