Не е непознато дека односите помеѓу најверните поддржувачи на ГРК Охрид – навивачката група „Рибари“ и повратникот на клупата на „гладијаторите“ Горан Андоновски не се добри. Сепак шефот на стручниот штаб на охридскиот ракометен супер лигаш смета дека има простор недоразбирањата да се надминат и најави дека активно ќе работи на тоа.
Навивачите беа со мене уште од првиот ден на постоењето на клубот. Јас ги почитувам многу, навистина повеќе отколку што тие сметаат. Од првите чекори тие се со Охрид, кога немавме финансии и се играше волонтерски, потоа уште седум-осум години кога бевме со минимални примања, сè до доаѓањето на ваучерите пред три-четири години. „Рибари“ секогаш беа со нас, во добро и лошо, минавме многу убави моменти, меѓутоа емоции се емоции. Сум се откажал од многу во животот за овој клуб. Ветувам дека ќе го поправам односот со навивачите. Ништо не се решава веднаш, но чекор по чекор сакам да го поправам односот, да ја вратам довербата. Ним, како и мене во срцето ни е ГРК Охрид, сметам дека заедно можеме да направиме многу за клубот и градот. – истакна Андоновски на прес конференцијата одржана деновиве.
Новото првенство во Супер лигата почнува на 3 септември, а подготовките за новата сезона клубот ги почнува во август.
OhridNews