Со натпреварот во Скопје против Тинекс Пролет продолжуваат суперлигашките предизвици за охридските ракометари.


До крајот на регуларниот дел од сезоната во Супер лигата остануваат уште четири натпревари, по што се дели лигата на два дела со по шест екипи. Едните разигруваат за титулата, а другите за опстанок.

– Екипата е повеќе од подготвена и желна за продолжението од сезоната во Супер лигата. Работевме доста напорно во подготвителниот период, одигравме три контролни натпревари и слободно можам да кажам дека сите сме гладни за успех. – рече тренерот на Р.К. Охрид, Горан Андоновски.


Во четирите преостанати натпревари „гладијаторите“ немаат право на кикс. Гостуваат во Скопје против Тинекс Пролет и Работнички, а во „Билјанини Извори“ ќе ги пречекаат Пелистер и Металург Јуниор.

– Без никакви задкулисни игри и со наши четири победи со сигурност тврдам дека ќе избориме пласман во разигрувањето за титула во Супер лигата. Немаме многу опции и уште на првиот натпревар од првата минута ќе атакуваме на победа. – додаде охридскиот стратег.


Од охридскиот состав заминаа Даниел Трајкоски и Петар Николиќ, а дојдоа повремениот репрезентативец Милан Левов и искусниот Мите Караиванов.

– Со тие две засилување  покажавме две работи. Прво дека не се предаваме и ќе се бориме до крај, а второ цел ни е да направиме концепт не само за оваа година туку за сезоните што доаѓаат. Сакаме да ги задржиме сите квалитетни играчи моментално во тимот и да изградиме уште посилен Охрид. – потенцираше Андоновски.

Мх.П.