Ракометниот клуб Охрид со пораз од Работнички и очајна игра ја започна новата сезона во македонскиот ракометен шампионат. „Гладијаторите“ на гостувањето во Скопје не наликуваа на себе иако контролните натпревари пред стартот на Супер лигата наговестуваа нешто друго.


– На почетокот од мечот покажавме дека можеме да се носиме од Работнички, но така треба да играме во сите 60 минути не само во воведните. Одбраната пред нашиот гол комплетно потрфли оставајќи му простор на противничките играчи да се шетаат меѓу шест и девет метри. Јас како играч и тренер се уште не паметам една екипа да одигра натпревар без ниту едно исклучување или пак фаули со кој ќе се запре играта на противникот. Ракометот е машки спорт и така треба да се игра. На следните тренинзите ќе обратиме најголемо внимание  на одбраната која во денешниот ракомет ги добива натпреварите. – рече тренерот на Охрид, Горан Андоновски.


Охридскиот стратег дел од причина за поразот наоѓа во повредата на Јосип Кежиќ кој беше предводник на „гладијаторите“ низ контролните мечеви.

– Не сакам да барам алиби, но нашиот најдобар играч Кежиќ многу ни значи. Против Работнички одигравме без неговата помош иако во неколку наврати приморан бев да го ставам во игра. Имаме мал ростер на играчи и секоја повреда многу ни ја отежнува работата. – потенцираше Андоновски.


На првиот тренинг после поразот од Работнички, Андоновски имаше пофални зборови само за пивотменот Иван Тасески и Крсте Костески кои беа единствени светли точки во охридската екипа.

Шанса за поправање на в печатокот ракометарите на Охрид ќе имаат викендов што доаѓа против втората екипа на Металург која претрпе минимален пораз од Борец во првото коло.

Мх.П.