Најдобриот стрелец во историјата на Вардар и прв селектор на македонската фудбалска репрезентација Андон Дончевски е прогласен за почесен член на Македонскиот олимписки комитет (МОК).

Дончевски (87), кој живее во Австралија, во рамки на вчерашната посета на МОК беше примен од претседателот на олимпиското движење Даниел Димевски, а оствари средба и со почесниот претседател на МОК, Васил Тупурковски.

Во име на Сојузот на спортски новинари на Југоисточна Европа, првиот претседател на МОК Тупурковски му ја врачи на Дончевски наградата „Спортски великан на Македонија“.

Дончевски целата своја кариера како фудбалер ја мина во скопски Вардар за кој постигна рекордни 217 голови во периодот од 1957 до 1971 година, по што со најтрофејниот македонски клуб како тренер ја освои шампионската титула во поранешна Југославија во сезоната 1986/87.

Од јули 1993 до декември 1995 година ја предводеше македонската репрезентација како прв селектор од осамостојувањето на земјата.

OhridNews

фото. МОК