Светски познатата актерка Анџелина Џоли, сопругата на претседателот на САД – Лора Буш, како и Нелсон Мандела – борецот против апартхејдот и добитник на Нобеловата награда за мир се на списокот гости на Светската конференција за дијалог меѓу цивилизациите, што ќе се одржи во Охрид од 26 до 29 октомври. Во Охрид се очекуваат и познатиот моден креатор Пјер Карден, потоа јорданската кралица Ранија, како и оперската дива Монсерат Кабалје.

Идејата на конференцијата да бидат поканети познати и признати личности во светот кои на различни начини придонеле за развој на дијалози меѓу народите и религиите потекнала од премиерот Никола Груевски.

Анџелина Џоли е амбасадор на УНИЦЕФ, организација што се занимава за остварување на правата на децата. Сопругата на американскиот претседател, Лора Буш, е почесен амбасадор на УНЕСКО за описменување, а Нелсон Мандела е амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.

За време на одржувањето на конференцијата е предвиден концерт на Борис Трајанов, заедно со светската ѕвезда во оперското пеење Кабалје.

Конференцијата и финансиски и логистички ќе ја поддржи УНЕСКО, а ќе присуствуваат претставници од православната, католичката, од повеќе протестантски определби, сунити и шиити, претставници на хиндуизмот, будисти и конфучијанци. Подготовките им се доверени на Министерството за култура, во соработка со Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи и со претставниците на верските заедници во Македонија. Национален координатор на тимот е Елизабета Канческа-Милевска, државен секретар во Министерството за култура.

Според Лидија Топузовска, секретар на Националната комисија на УНЕСКО за Македонија, тие веќе ја реализираат идејата што ја промовираше премиерот Никола Груевски. Таа вели дека темата за интер-религиски дијалог е актуелна не само кај нас туку и во рамките на УНЕСКО и на Советот на Европа. Организаторите веќе ги дефинирале темите. Главна ќе биде „Придонесот на верата и културата кон мирот, заемна почит и соживот“, а трите поттеми за кои ќе се дискутира се: „Нема вистински мир меѓу народите без вистински мир меѓу религиите“, „Религијата и образованието, нивната улога во трансформацијата на општеството“ и „Придонесот на зедничките вредности на различните култури и религии за иднината на човештвото“.


„Дневник“