Холивудската актерка Анџелина Џоли ги посетила колумбиските бегалци кои засолниште пронашле во соседниот Еквадор, соопштил комесаријатот за бегалци при ОН, (UNHCR). Ова е прва посета на актерката која претходно овој месец била избрана за специјален претставник на UNHCR.
Оскаровката на новата позиција ќе има дипломатска улога. Во соопштението на агенцијата било наведено дека актерката ќе се фокусира на поголемите кризи кои резултираат со масовно раселување на луѓето, и исто така ќе ја претставува UNHCR на дипломатско ниво во светот. Еквадор е земја во Јужна Америка со најголем број бегалци, вклучувајќи и 56 илјади од соседна Колумбија.