Во Нион денеска со ждрепка ќе бидат одредени противниците за 1/8 финалето во Лигата на шампиони и 1/16 финалето во УЕФА Евролигата. Вниманието посебно го привлекува ЛШ, каде што во првото коло од нокаут-фазата може да се случат неколку интересни дуели.

Според правилата во 1/8 финалето не можат да се сретнат екипи што биле во иста група и од иста земја.

Новиот тренер на Челси, италијанецот Карло Анчелоти, човекот кој во својата биографија веќе има два трофеја во ЛШ со Милан никако не би сакал ждрепката да му го донесе неговиот бивш клуб.

„Мечот со Милан би бил навистина посебен во секој поглед. Не би можел така лесно да ги исклучам емоциите. Но, ако можам да бирам би избегнал судир со Леонардо, кого многу го почитувам. Ако се случи да го добиеме Милан, нема проблем. Фудбалот често ве става во такви искушенија“, вели Анчелоти.


 „Росонерите“ од јануари ќе бидат посилни со Дејвид Бекам. Тој, пак, сака за противник да ја добие љубовта од детството, Манчестер јунајтед!

„Навистина би сакал меч со Манчестер. Од „Трафорд“ заминав во 2003 година. Оттогаш не сум имал прилика да играм на тој стадион. Јас против Манчестер, зарем не би било убаво?“, прашува Бекам и признава дека Англичаните би биле фаворити: „Знам дека би било многу тешко да ги поминеме, но тој двомеч би донел големи возбудувања. А, јас сакам такви предизвици“, додаде Бекам.

Носители: Арсенал, Челзи, Манчестер Ј., Бордо, Фиорентина, Барселона, Реал, Севилја

Неносители: Лион, Олимпијакос, Баерн, Штутгарт, Милан, Интер, Порто, ЦСКА М.