Спорот за името меѓу Македонија и Грција е единствен таков пример во
историјата на една држава да и се негира името од страна на нејзин сосед, изјави во Вашингтон, поранешниот генерален секретар на ОН Кофи Анан, посочувајќи дека Атина не била подготвена да се реши ова прашање.
– Срамота е што ова прашање се одолговлекува толку долго, изјави Анан, одговорајќи на прашање на дописникот на МТВ за време на неговиот завчерашен настап во институтот Брукингс во Вашингтон.
Анан, кој беше генерален секретар на ОН од 1997 до 2006 година, истакна дека Македонија и Грција биле блиску до решавање на спорот во неговиот мандат, и Македонија била подготвена на решение, но Грција не сакала да прифати.
– Двете земји разговараа за спорот веќе извесно време. Специјалниот пратеник работи на ова прашање, тој е пратеник со најдолг стаж. Двете земји во еден момент беа пред решение, но тој предлог пропадна. Се чини дека Македонија е подготвена да прифати компромис кој ќе го содржи зборот Македонија во него, но не сум сигурен дека Грција е подготвена на тоа. Разговорите продолжуваат, и во регионот има други приоритети и предизвици. Не можам да кажам дали тоа ќе помогне во решавањето на проблемот или ќе го искомплицира, бидејќи не сум толку блиску до овој спор сега. Но, мислам дека е срамота што ова прашање се одолговлекува толку долго и се надевам дека ќе се најде излез, изјави Анан.