Агенцијата за вработување во повеќе наврати укажува на тоа дека кадрите кои излегуваат од средното угостителско училиште и од факултетот за туризам и угостителство од Охрид не сакаат да работат во охридските угостителски објекти, многу често ги одминуваат и одат да работат во странство на бродови, и во угостителски објекти кое се на море. Дали навистина некој се запрашал зошто овие кадри ги одбегнуваат охридските угостителски објекти?!

Охрид е туристички центар, скоро на секој чекор има по некаков угостителски објект, без оглед дали е хотел, ресторан, кафе бар, пицерија…. и скоро секој охриѓанец на директен или индиректен начин работел во овие угостителски објекти. Секој со свое искуство, секој со своја приказна. Да почнеш разговор со угостителскиве работници секој втор ќе каже дека има негативно работно искуство, пред се од т.н менаџери, кои на свој начин сакаjќи да се докажат дека ете се на некаква позиција, имаат одредена моќ, имаат под нив 5, 10 подредени и едноставно стигнуваќи на таа позиција си даваат за право дека можат да ги контролираат нивните судбини, нешто во смисол ,,јас се знам, јас како што ќе кажам така е…“ и едноставно секое мислење кое е поразлично од нив е причина за навлегување во конфликти.

Често можеме да слушнеме ситуации од вработени, еве, пример во кујна, келнерот порачува јадење, готвачот го подготвува, го декорира се како што треба и му доаѓа ,,менаџерот“  и почнува со викање – ,,што е ова не знаете да штедите, тргај тоа маслинките, многу ставаш, тргни малку од помфритот, што е ова штедете малку…“  или друг случај, чистачка или собарица оди во магацин да побара неколку средства за чистење, а и даваат само едно, кое нема да и заврши никаква работа, со зборовите ,,доста ти е едно, скапо е средствово, мора да штедиме“. Други случаеви, на некој вработен му доцни автобусот и оди со 10 минути доцнење, и „менаџерот“ му вика, го навредува, му се заканува…. па добро бе, полека, задоцнил не извршил некакво кривично дело…..

Вон сезона, по еден дежурен келнер, додека има гости си работи, се си е во ред, заминуваат се празни локалот, си средува се и нормално нема ништо работа ќе седне малку.. му доаѓа ,,менаџерот“ нешто од дома налутен, се врти се врти гледа се средено, нема што мана да најде, оди во тоалет и ко избезумен вреска по келнерот ,,што е она во тоалетон капакот од шољана е сета изм**чана, оди средија“.  Личи на нешто тоа? ДНО!!! (инаку и ова е еден случај од охридското секојдневие по објективе)

Се вработува млад кадар во објект, кој предходно имал некакво искуство на брод, или во хотел некаде во странство, и му дава до знаење на ,,менаџерот“ дека ова и ова не чини, нешто да изменеме и овој – ,,еј мали ти ќе кажеш што не чини, што чини, јас  сум угостител 40 години не кажувај ми мене“.  Па добро, угостител си 40 години, ама во тие 40 години се измениле многу работи, светов заминал напред. Ако порано во ресторанов иделе пееле Зорица Брунцлик, Ана Бекута и незнам кој други, па овде се идело се јадело и се пиело и не се обрнувало внимание на останатите работи, битно само певалката да била на маса и пари да се фрлале, сега се смениле времињата, луѓево секаде пропатувале, виделе се и сешто по светов, не можеш да останеш само на едно и како коњ да гледаш само напред и само ти како што знаеш… Или сега она што е модерно, во тренд, секој објект е со камери, па ,,менаџерите“ вклучуваќи се од мобилен или компјутер постојано имаат увид што се случува во објектот. Па најјаки се кога истите тие се излезени некаде во друштво, па да испаднат големи фраери, сакајќи да покажат нешто дека доминираат, се следат, па ако нешто не е во ред на телефон – ,, станувај не седи оти тешко тебе ќе биди“ абе аман!!!!!!

А за плата и да не зборуваме. Кога еден висококатегоризиран хотел во градов го плаќа персоналот по 10/11.000 денари што да правиме повеќе муабет. Тоа што се прекувремени саати демек се плаќаат, ама колку го наплаќаат тие прекувремени саати тоа е веќе дискутабилно прашање.

Често знаеме да кажеме келнерите се нељубезни, арогантни, вакви онакви, а дали некој воопшто се запрашал во какви услови работат? Прво, ниски плати, друго, работат по многу саати, им се знае почеток на работно време, а крајот зависи од потребата зависи колку гости има, трето, оставени на смена по 2/3 келнери, им навалуваат 150 гости и каде побрзо, што побрзо да направат, која маса побрзо да ја послужат, на кои гости да им  обрнат поголемо внимание, колку и да сакаат, сепак и тие се луѓе и толку им е силата и толкави им се можностите. Често се премногу сати на работа, двократно, па навечер ќе им се заседнат една маса со тројца, слободно ќе ги наречам пијаници и ќе ги трујаат цела вечер до ниедно време и секако касно од работа ќе заминат, а другиот ден прва смена и ептен ,,наспан и одморен“ келнерот утрото има да зрачи од насмевка и љубезност. Истиот случај е и со готвачите по малку на смена, а безброј нарачки, па се чекало многу за порачаното јадење, е па ќе се чека, за да биде се како што треба потребно е повеќе персонал, а за повеќе персонал, нема, не може, мора да се штеди.

И после зошто младите кадри ги избегнуваат охридските угостителски објекти??? Уште се прашувате? Оние што имаат среќа ќе заминат некаде странство ќе работат во хотелите таму и ќе бидат платени како што заслужуваат, останатите, како по обичај ќе си речат подобро ќе одам градежно ќе носам кофи со малтер ама знам дека ќе земам добра дневница…. И кој останува да работи, некој на кој му е потребна работа за егзистенција, некој од надвор кој дошол тука да смени малку да се разоноди, студентите од другите градови кои студираат тука за да заработат некој денар повеќе…

Проблемот треба да се бара во менаџментот на објективе, а не во младите кадри и во другите угостители кои работат во оваа дејност.

Секако, да не ги земам сите објекти во исти кош, рака на срце, има објекти каде што пероналот се добро платени, редовна плата, имаат одлична соработка со менаџментот на тие објекти и затоа во тие објекти се задоволни и персоналот, т.е вработените, а ако се задоволни вработените ќе бидат задоволни и гостите кои доаѓаат во тие објекти.

Тони Павловски
Дипломиран Менаџер по хотелско ресторанско работење

 

*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.