Светот во кој ќе живееме после кризата барем на краток рок – многу повеќе ќе наликува на оној во кој живееле нашите баби и дедовци во педесеттите и шеесеттите години од минатиот век отколку на навиките кои само пред месец дена ги оставивме зад себе, вели Дејан Азески, македонски историчар, новинар и публицист, член на Меѓународниот институт ИФИМЕС, кој моментално живее и работи во Трст во Северна Италија. Во својот текст под наслов: „Што светот може да научи од Италија за вирусот Ковид-19?“ од прва рака го анализира избивањето на пандемијата на коронавирусот Ковид-19 како што тоа го гледа во Италија. Дополнително анализира и каков ќе биде светот после крајот на оваа криза. Неговиот текст го објавуваме во целост.
Апенинскиот полуостров географски е одалечен од Балканот, но во основа судејќи по менталитетот тие се многу слични на нас. Затоа интензивното дружење во мали затворени места (какви што се најголем дел од италијанските кафулиња и пабови) и во моменти на непосредна опасност од вирусот, придонесе за негово пребрзо ширење.
Италијаните како и Балканците, не внимаваа премногу на апелите на властите да не одат во кафулињата секој ден после работа, а често и за време на работното време. Оние кои тоа треба да го спроведуваат- локалната полиција во Италија често има проблем со наметнување на својот авторитет. Па така карантинот во Италија иако теоретски долго трае практично е тешко применлив.
И затоа дојдовме до оваа огромна катастрофа.
Стравот ми е дека со оглед на сите овие менталитетски сличности и сите непочитувања на препораките за кои читам деновите и Балканот за брзо ќе го донесат во ваква состојба. Бидејќи носители на вирусот не се само оние кои не ги познаваме, а тој не го пренесуваат само оние кои ни мислат лошо. Напротив грото од заразените случаи се префатени од своите најблиски и најсакани роднини и пријатели.
Добрите и лошите искуства од карантинот
Тука всушност веќе цел месец е ограничено секакво движење, а полицијата симболично казнува секој ден по неколку луѓе за да ја одржи оваа состојба. Првичната идеја на властите беше да се затворат жителите дома без можност да ги напуштаат становите ни за храна и лекови, а сето тоа да го покрие армијата со домашна достава. Но кога пресметале колку стотици илјади војници, а можеби и милиони се неопходни за да се снабдуваат на врата 60 милиони жители на оваа огромна држава, таа идеја е напуштена. Но затоа на жителите им е ограничено да одат до најблискиот супермаркет или најблиската аптека. Ако полицијата те затекне далеку од својот дом и ако не ги користиш услугите на најблискиот супермаркет ќе бидеш исто така казнет. Значи шетање официјално не е дозволено.
Но без разлика на тоа, прекршувања на катантинот има секојдневно и насекеде. Тоа значи дека без разлика колку е голема опасноста и стравот- карантинот е тешко да се одржи на долг рок, а особено на територијата на целата држава подеднакво. Затоа треба прецизно да се пресмета кога е најдобриот и најпотребниот можен период за целосна изолација.
Некаква надеж дава позитивниот пример на малото италијанско градче Во, кое до скоро беше еден од центрите на епидемијата, а во моментов скоро и да не се соочува со нови заболени.
Значи преку тестирање и ретестирање на сите 3.300 жители на градот Во, во близина на Венеција, без оглед на тоа дали покажувале симптоми, но и со ригорозен карантин на луѓето со кои тие контактирале кога ќе се потврдела инфекција, здравствените власти успеаја целосно да го запрат ширењето на болеста таму.
Успехот на Во ја истакнува важноста на тестирањето и изолирањето на инаку здравите носители, приод кој беше пофален од Светската здравствена организација (СЗО). Оттаму неодамна им порачаа на сите земји да тестираат агресивно, забележувајќи дека Јужна Кореја и Тајван имале успех во ограничувањето на бројот на заразени преку тестирање.
Ваквиот пристап првично беше планирано да се примени и во велата област Венето каде беше планирано да се земаaт најмалку 11.000 брисеви на ден.
Но ова е само теоретски. Бидејќи ниту Италија, а уште помалку Македонија имаат толкави државни ресурси за да спроведат вакви интензивни тестирања и мерки на изолација на целата територија.
Тоа може да го направи само Кина и евентуално Русија држави кои се уште во активниот состав на своите армии имаат по неколку милиони војници и уште поважно доволно медицинска опрема за сите нив.
Балканските држави и армии немаат такви можности. И затоа единствено кое ни преостанува е да се потпреме на свеста на населението и што побрзо сфаќање на простото значење на поимите самоизолација и одговорност кон околината.
Италија се наоѓа пред социјална револуција
Oва е вториот најсериозен проблем за кој се повеќе пишуваат локалните медиуми. Недостаток на пари кој дефинитивно доминира кај населението и опасностите која таа појава потенцијално ги носи.
Се почести се полициските извештаи за нападнати супермаркети па дури и од организирани групи. Властите итно донесоа експресни мерки за поделба на 450 милиони евра социјална помош која треба да е надополнета со повеќе од 4 милијарди евра друг тип на социјални олеснувања. Но големо прашање е дали овие пари во вакви услови кога администрацијата едвај функционира ќе можат да стигнат до оние на кои тоа им е најмногу потребно.
Ваквите слики од Италија веројатно треба да се предупредување и до лидерите од Балканот дека со секој нареден ден од карантинот огнот на социјалното незадоволство само ќе се распламтува. И дека ранливите категории кои во моментов навистина гладуваат треба да се згрижат час поскоро пред да биде предоцна.
Балканските лидери ги презедоа мерките на време-но тоа не е никаква гаранција за иднината
Кога се прават компаративни анализи помеѓу состојбата во Кина, Италија и Балканските земји неминовно се наметнува едно прашање, „дали нашите власти навремено ги презедоа неопходните мерки за да не ни се повтори трагедија од размери на оваа во Северна Италија“. Хронологијата на настаните го кажува следното:
Кина го стави Вухан, и други засегнати градови низ земјата во целосен карантин на 23 јануари, кога имаа регистрирано само 25 смртни случаи. Од денот на прогласувањето на строгиот карантин до пикот на болеста поминаа цели три недели.
Италија почна со слични мерки како Вухан дури на 11 март, кога веќе беа пријавени 827 смртни случаи, односно осум дена по регистрирањето на првите 79 смртни случаи и дури деветнаесет дена по избувнувањето на епидемијата во земјата.
Поради сето ова Италија иако има скоро 20.000 вкупно регистрирани случаи помалку од Кина има двојно поголема смртност од набројната светска земја.
Оваа компарација најдобро зборува за важноста од навремено и одговорно пристапување кон опасноста од Ковид-19 вирусот.
Најголем дел од Балканските држави за разлика од Италија, ги воведе карантинските мерки и полицискиот час во услови кога немаше ниту еден починат и само неколку десетици заразани.
Тоа ни дава добра основа за надеж дека ќе избегнеме катастрофа од размери како оваа во Ломбардија и Венето.
Но мора да знаеме дека и покрај навремено преземените мерки Балканот има неколку ограничувачки фактори во однос на Италија, а особено во однос на Кина.
● Масовното враќање на дијаспората во земјата – кое сигурно скапо ќе го платиме. Ова се претежно луѓе кои останаа без приходи и не се во можност да ги сервисираат своите скапи режиски трошоци на запад и затоа експресно се вратија назад
● Масовно непочитување на мерките за карантин по враќањето дома- што е евидентно на секој черо
● Недостаток на кадар и соодветна медицинска опрема -факти кои со поминување на времето и зголемување на бројот на пациентите особено ќе дојдат до израз
● Менатлитетот и насушната потреба од социјализација која е иста или полоша кај Балканците како и кај Италијанците
● Склоност кон ширење лажни вести и паника кои сигурно ќе се одразат за време на пикот на болеста кој досѓа за околу еден месец
Брза имунизација нема да има-спремете се за долг карантин
Конечно една добра вест поврзана со коронавирусот ни стигна од САД. Џенифер Халер е храбрата 43-годишна мајка на две деца, која прва ја прими тест вакцината против оваа пакост. Тоа значи дека официјално почна првата фаза од имунизацијата за заштита од Ковид-19.
Вакцината со кодно име МRNA-1273, се прави во соработка со Националниот институт за здравје и биотехничката компанија Модерна. Инк од Масачусетс. Новата вакцина не предизвикува Ковид-19 кај оние што ја примиле, но сепак содржи мала количина на генетски код што е копиран од вирусот, а кој го предизвикува заболувањето-што всушност е основен услов за една вакцина да може да функционира. Но одговорните лица се децидни, за ова да почне да се применува масовно ќе помине повеќе од огидна и половина.
Ваквите ставови на американските научни поврзани со долгиот период кој ќе е неопходен за да се почне со вакцинирањето неодамна ги потврди и анализата на ББЦ во која се спомунува истиот предолг период од година и половина. Уште пообемна анализа на оваа тема направи познатиот магазин од САД- „Њујоркер“. Таму дословно се вели: „Развој, лиценцирање и производство на вакцина за Ковид-19 за 12 месеци би било неверојатно, револуционерно достигнување без преседан. Ни една друга вакцина не се развила толку брзо“.
Инаку познато е дека најбрз развој на една вакцина досега е забележан во 2015 за време на вирусот Зика кога вакцината беше спремна за тестирање за седум месеци но епидемијата исчезна пред да се пратат примероци за вакцинација ширум клиниките во светот.
Ваквиот скептицизам околу екстра брз развој на вакцината му беше лично соопштен и на американскиот претседател Доналд Трамп од страна на Џон Шивер, одговорен за истражувања и развој во мултинационалната фармацеутска компанија Санофи.
„Дефинитивно постои некое недоразбирање. Не е исто да се прават тестирања на неколку луѓе и вакцината масовно да се пушти во употреба. Значи клиничките тестирања се прават на здрави луѓе, а кога се оди на масовна вакцинација ја добиваат сите категории од населението и многу работи можат да тргнат по зло. Сигурно не сакаме да пуштиме во употреба вакцина која може да ги влоши состојбите. И низ историјата постојат такви примери на вакцини кои наместо да ја намалат ја поттикнале болеста“ вели Шивер.
И останатите негови колеги, врвни светски научници се согласни дека и во случај на најитна потреба скоро невозможно е да се очекува масовна вакцинација за помалку од година и половина дена.
Засега паралелно се развиваат вакцини и во Белгија и во Германија и во Италија и во Белгија па дури и во Хонг Конг но ниеден тим од научници кој работи на нив не е во можност да вети дека ќе имаме било што употребливо за помалку од година дена.
Трите можни спасоносни сценарија
Бидејќи веќе сигурно утврдивме дека вакцинацијата нема магично да не спаси од Корона вирусот и сите негови нузпоследици кои секојдневно ги чувствуваме, треба да ги видиме и другите две можни варијанти.
Погоре споменавме дека епидемијата на вирусот Зика од пред пет години изчезнала или спласнала сама пред да има потреба од масовна вакцинација. Прашањето кое се поставува сега е дали тоа може да се случи и со Корона вирусот? Веројатно ДА бидејќи во Кина во моментов се случува токму тоа. После неколку месечни карантини, запрен е напредокот и ширењето на болеста и сега состојбите со медицински речник се држат под контрола. Тоа пластично кажано значи дека луѓето во најпогодените области веќе се враќаат на своите работни места и почнуваат поквалитетно да живеат. Но тоа не значи дека во скоро време таму ќе се отворат ресторани, аеродромите и сите други ризични места. Значи она што Кинеските власти успеаја да го направат со своите драконски мерки, е да ја забават болеста до таа фаза што нема да предизвикува премногу жртви пред да се дојде до вакцината. И по ова што го гледаме веројатно и Италија и сите европски држави кои ја следат се обидуваат да го ископираат истиот навидум успешен модел.
Вториот пристап кој засега го применува Велика Британија, а делумно Холандија и неколку останати северни земји, е моделот на природна имунизација. Тоа значи дека се оставаат младите и здравите па дури понекогаш и се стимулираат што побрзо да го добијат вирусот и да стекнат имуност на него. На тој начин се таргетира бројка од 50% од населението кое би требало во рок од година дена да стане имуно што според медицинските теории е доволно за земјата да прогласи победа над оваа опака болест.
Но според експертите овој модел очигледно носи многу ризици. И покрај препораките младите да се не социјализираат премногу со своите повозрасни роднини, прашање е колку тоа реално може да се ограничи. Значи точно е дека младите и здрави Британци за многу побрзо време ќе станат имуни на болеста од нивните врсници во светот, но исто така можно е Велика Британија да се соочи со масовна смртност на ранливите и старите категории на пациенти. Плус ова сценарио ја остава отворена можноста во само еден момент да дојде до масовен наплив на пациенти кон здравствените установи кои тоа веројатно не можат да го поднесат.
Сумирано, она што веќе се презема на Балканот и во најголем дел од светските држави е единственото реално решение кое ни е достапно засега. Со оглед дека вакцината нема да стигне во брзо време – граѓаните треба да се спремат за неколкумесечен карантин по примерот на Кина, а во периодот после тоа да се научат да функционираат само во рамките на својот град и без претерана меѓусебна социјализација. И се ова ќе трае дури не се случи една од трите работи: масовна вакцинација (не порано од година и половина), стекнување природен имунитет на 50% од населението (за што исто ќе се потребни повеќе месеци) или спласнување на болеста само по себе како во случајот со вирусот Зика што веројатно во нашиот случај ќе дојде со летото и топлото време кое би требало да го убие вирусот.
Како историчар никогаш не сум слушнал за катастрофа од вакви размери
Сепак од сета оваа ситуација нешто најмногу ме плаши. Во скоро петнаесет години активно изучување и пракрицирање на историјата не се сеќавам да сум сретнал запис за катастрофа од вакви размери.
Сега одма скетпиците ќе речат тука биле Чумата, Шпанскиот грип – вирусите од 19 век и сето тоа е точно. Но тие не биле истовремено во Шангај, Милано, Лос Анџелес и Перу.
Синоќа со неверување читав исповед на еден наш македонски морнар на крузер во западниот Пацифик кој раскажува дека безуспешно пловеле од Чиле до САД и ниедно пристаниште не сакало да ги прими за да ги истоварат патниците. Ова само по себе докажува колку е распродтранета оваа катастрофа.
За обемот на карантинот не сакам ни да разговарам. Ниту во најжестоките денови од Втората Светска војна толку многу луѓе во целиот свет не биле принудно затворени во своите домови. Тоа е факт кој сам по себе носи стотици други опасности.
Однапред да расчистиме никогаш не сум бил и нема да бидам приврзаник на теориите на заговор. Така да нема да поверувам дека ова некој го направил намерно за да направи или искористи нешто во позадини.
Но дека сега кога веќе дојде катастрофата ова може да биде идеален момент за економски, демографски воени и територијални промени од поголеми размери тоа можам да гарантирам.
Значи уште еднаш за крај, историјата не запишала глобална трагедија и опасност од толкави размери. Ова единствемо може да се спореди со античките приказни за Атлантида и библиско старозаветните за Содома и Гомора.
Значи и во едниот и во другиот случај алчноста и љубопитноста на луѓето ка предизвикала природата да им врати на најлош можен начин.
Оние од Атлантида копала предлабоко барајќи кристали па заедно со својот град потонале во морето. Во Содома и Гомора пак биле прељубопитни за да го видат забрането и Бог или природата им вратила со целосно уништување.
Ние денес ги имаме и двата овие елементи. И ние како генерација копавме предлабоко во хемијата и науката па вирусот нимизбега од лабораторија. А со нашата неразбирлива алчност и љупобитност за премногу патувања за помалку од месец дена успеавме да го заразиме скоро целиот свет.
И сосема за крај, овој вирус со тоа што ги напаѓа само старите слабите и оние кои не можат да се бранат недвосмилено ме потсеќа на навистичките концепти за природна селекција и прочистување на човештвото.
Како ќе изгледа нормализацијата?
Втората позитивна вест која ја слушнав деновиве е дека наскоро во Австрија покрај супермаркетите ќе почнат да се отвораат и бутиците и останатите продавници. Само да објаснам- Трст со стотици години територијално бил под јуриздикција на Виена и случувањата во Австрија и ден денеска тука внимателно се следат. Па така локалните медиуми врз база на Австрискиот пример веќе почнаа да прават сценарија и проценки како и Италија би излегувала од кризата.
Дефинитивно е јасно дека пред католички Велигден (12 ти април) ништо не може да де очекува. Но веќе два дена подоцна на 14 или најдоцна 15 ти се очекува властите да ги спроведат првите мерки за разлабавување на карантинот. Тоа секако ќе е дозволата за слободно движење во одредени делови од денот како основа за враќање на луѓето на своите работни места.
Втор чекор кој веројатно ќе го видиме до крајот на овој месец е и отварањето на дел од останатите продавници и дозвола на рестораните да спремаат храна за носење по дома. Но тоа во никој случај не значи дека наскоро ќе ручаме и вечераме заеднички во познатите италијански ресторанчиња. Властите овде се свесни дека поради менталитетот на населението- кафаните не треба да се отвораат до сам крај на целата епидемија, што значи дека можно е и цело лето да бидеме оставени без кафулиња, кафани и ресторани.
Според колумнистите на локалниот весник “Ил Пиколо” од Трст граѓаните не треба да ги фаќа преголема еуфорија од очекувањата за после Велигден.
Тие повикувајќи се на кинескиот пример велат дека никој не може да гарантира дека карантинот уште неколку пати нема да биде враќан наново и наново.
“Да наскоро ќе имаме разлабавени мерки и можност послободно да се движиме. Но ако бројката на новозаболени почне макар минимално да расте -повторно сите ќе бидеме затварани во нов и нов карантин”
Втор проблем е што никој е кажува кога ќе се рестартира јавниот превоз внатре но и надвор од дежавата. Сите знаеме дека Трст колку е Италијански толку е и бившо-југословенски со десетици илјади Словенци, Срби и Хрвати кои живеаат тука. Тие не се навикнати толку долго да бидат отсечени од своите матични држави и самите велат повикувајќи се на нивните предци дека ниту во Втората Светска војна градот не бил толку отсечен од светот.
Така да Италија се уште ја чека долг пат на опоравок.
Во каков свет ќе живееме после Ковид-19?
Врз база на сите анализи кои деновиве внимателно ги следам во најзначајните светски медиуми можам да констатирам дека: Дури и еден ден од наредните две години кога некој ќе каже дека опсноста од вирусот е целосно изчезната ние нема да се вратиме во светот кој го оставивме зад себе.
● Како прво дотогаш ќе се створи толкава навика и креативност во работењето од дома што ниту газдите ќе сакаат да трошат огромни суми на канцеларии ниту вработените ќе имаат желба да ја напуштаат топлината и удобноста на својот дом- нормално во оние сектори каде тоа е можно
● На тој начин трудот ќе стане многу померлив бидејќи ќе се оди и плаќа по извршена задача. Принципот нишај врата- земај плата со мали исклучоци веројатно ќе го оставиме зад нас- бидејќи после оваа криза никој ќе нема вишок на пари за фрлање
● Ќе се преиспита принципот и исправноста на патувачко-потрошувачкото општество во кое претходно живеевме. Најпрво ќе се нема пари за толкаво расшетавање по светот без потреба, а второ луѓето уште долго ќе се плашат да ги користат аеродромите, автобусите и нивниот скуден простор.
● Повторно ќе се согледа потребата од силна држава наместо осамостоени корпорации и бизнисмени. Бидејќи во кризата јасно се виде дека државите со посилен јавен сектор многу полесно ја пребродуваа оваа ситуација. Ова неминовно ќе доведе и до јакнење на движењата и политичките партии кои се залагаат за поправедна распределба на богатството што значи дека дури и во САД длабоко ќе се преиспитува одржливоста на капитализмот во сурова форма.
● Армијата и нејзиното омасовување ќе стане повторно тема за разговор и значаен фактор во општеството. Како прво во кризата јасно се виде дека државите кои имаат бројна и организирана војска многу полесно можат да спроведат и полициски час и крантин и достава на храна и помош на болните. Како второ – влегуваме во период кога поради беспарицата – судирите внатре во државата но и меѓу две држави повторно ќе станат актуелни што значи дека ќе е потребен апарат кој ќе може да ве заштити и да ви гарантира мир. Ова веројатно ќе значи и напуштање на стремежот кон глобален свет и враќање кон борбата за навионалните интереси.
Сумирано: светот во кој ќе живееме после кризата барем на краток рок – многу повеќе ќе наликува на оној во кој живееле нашите баби и дедовци во педесеттите и шеесеттите години од минатиот век отколку на навиките кои само пред месец дена ги оставивме зад себе.
Дејан Азески
Член на Меѓународниот институт ИФИМЕС