На 12-ти јануари во 12 часот и 24 минути радарска контрола при скопскиот аеродром изгубила контакт со хеликоптерот Мил Ми-17 со регистарски број VAM-304 при 301-от транспортен хеликоптерски сквадрон на Армијата на Република Македонија.
местото на несреќата
Локалните жители од скопското село Блаце биле првите сведоци на урнатиот хеликоптер, кого го нашле распарчен на поголема територија опфатена во пламен и повеќекратни експлозии. За трагедијата да биде уште поголема, поради големината на огнот никој не можел да помогне во спасувањето на војниците кои патувале со хеликоптерот. Првата екипа пожарникари пристигнала кратко по падот на леталото а била испратена од контролата на летање при скопскиот аеродром. Од снимките кои ги пренесуваа јавните медиуми јасна беше трагедијата која ги снајде тројцата пилоти, петмината членови на техничката екипа и тројцата механичари кои се враќаа дома по 6-те месеци поминати во мисијата Алтеа на ЕУФОР во Босна и Херцеговина.
Хеликоптерот од кобниот лет
Хеликоптерот утрото на 12-ти јануари околу 09:00 часот полетал од аеродромот во Сараево и се упатил југо-источно кон скопскиот аеродром. Трите часа потребни за прелетот до Македонија поминале во добар ред, засега не постојат извештаи за евентуални индикации од екипажот на било каков проблем за време на летот.
Според метео извештаите од 12:30 часот, временските услови на скопскиот аеродром не бележат ветар, хоризонталната видливост е 5000 метри, има присуство на магла, 1/8 покриеност од облаци на 200 метри, 8/8 покриеност од облаци на 570 метри, температура од 2 степени целзиусови, точка на роса од 1 целзиусов степен, атмосферски притисок од 1025 хектоПаскали и без значителни промени.
остатоци од урнатиот хеликоптер
Хеликоптерот по влезот на територијата на Република Македонија се упатил јужно од скопскиот аеродром, а членовите на форумот Македонска Авијација веруваат дека ваков приод е прифатен најверојатно со цел да се изврши радарски приод на писта 34, поради маглата присутна во околината. Скопското село Блаце се наоѓа близу патеката на слетување на пистата 34, која има опрема за инструментално слетување и овозможува слетување при намалена видливост. Хеликоптерот се урнал на само неколку километри од скопскиот аеродром. Дел од медиумите објавија дека хеликоптерот ја следел патеката за пистата 34, меѓутоа завршил 4 милји подалеку од издолжената линија која води до писта 34. Ова ќе мора да се објави и потврди од воздухопловните власти кои го истражуваат случајот.
шематски приказ на А1
Засега ги очекуваме официјалните наоди од воздухопловните власти да објават повеќе информации околу приодот на леталото, процедурата на приод која ја следел и проверката на навигациските средства. Во интерес на истрагата засега ќе се задржиме на фактите кои денес беа обелодинети од воздухопловните власти.
Би сакале да изразиме искрено сочувство до фамилиите на загинатите во хеликоптерската несреќа која се случи кај Блаце на 12 јануари 2008 година.
Нашите војници ги дадоа животите за “слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на Република Македонија”. Нивното херојско дело нема никогаш да биде заборавено.
Нека им е вечна слава.
Екслузивно за Ohridnews
Македонска Авијација
http://www.avijacija.com.mk
http://forum.avijacija.com.mk