Дописникот на Скај Њуз објави анализа за целите на Русија во однос на „специјалната воена операција“, како што Кремљ ја нарекува инвазијата на Украина. Имено, високиот командант на руската армија Рустам Минекаев денеска изјави дека втората фаза од руската операција има четири главни цели. Тоа се: Целосна контрола над Донбас; Создавање копнен коридор кон Крим;
Блокада на украинските пристаништа на Црното Море и Контрола над јужна Украина и отворање на патот кон Придњестровје
Британскиот новинар потсетува дека западните аналитичари веќе извесно време велат дека овој сет цели е сосема очигледен, при што третата точка би вклучувала нов обид за освојување на Киев. Имено, западните функционери продолжуваат да тврдат дека првичната цел на Путин – да ја собори украинската влада предводена од претседателот Володомир Зеленски, а доколку е потребно и со сила, останува главната цел на инвазијата.
Дописникот на Скај Њуз вели дека е „интересно и изненадувачки“ што Кремљ се чувствува толку самоуверен што јавно ги објавил своите намери. Нема повеќе глупости како „немаме никаква намера да ја нападнеме Украина“, како што слушнавме на почетокот на февруари, потсетува тој.
Сега имаме сè црно на бело – окупација на крајн иот исток, опкружување на градовите на Црното Море и поаѓање кон запад. Вистинското прашање е – дали Молдавија може да биде следната цел на војската на Путин?, се наведува во анализата.
Четвртата точка од рускиот план е најинтересна. Имено, Придњестровје е територија на Молдавија под директна или индиректна контрола на Русија. Се граничи со Украина и сочинува околу 12 отсто од територијата на Молдавија. Знамето на Придњестровје се уште има срп и чекан, а на таа територија се и единиците на руската армија, пишува Скај Њуз.
Според Уставот, Молдавија е неутрална, нема функционална војска, како ни заштита од Европската Унија или НАТО. Нејзината ранливост е очигледна, се наведува во анализата.
Но, она што Путин мисли и она што Путин може да го направи се две различни работи. Имено, првата фаза од војната беше целосна катастрофа за Русија и резултираше со понижувачко бегство од северот на Украина, потсетува новинарот на Скај Њуз. Втората фаза ја спроведува прегрупирана и повторно вооружена руска армија на истокот од земјата. Под новиот командант, тоа би можело да биде многу подобра борбена сила, оценува новинарот.
Но, во исто време, во тек е голема западна операција за вооружување на украинската армија. Само САД ветија два пакети оружје од 800 милиони долари за две недели.
Успехот во Донбас е клучен за Украина. Но, борбите за окупираните пристанишни градови на југот на земјата се исто така жестоки, а Русија сака да создаде копнен коридор кон Придњестровје.
Ако Русија биде успешна на југ, или ако успеат да го создадат тој коридор, ќе има егзистенцијална закана за Молдавија, заклучува новинарот на Скај Њуз.
OhridNews