Балканските држави и покрај пустошењата во 1990-тите, се развиваат и демократски и економски, но и понатаму опстојуваат распространетите негативни митови за Балканот, се наведува во текстот објавен во академскиот весник  European View, пренесува „Макфакс“.

Грчкиот професор по политичка филозофија Астерис Хулиарас во текстот „Неуспешни држави на Балканот: седум митови“, меѓу останатото, оспорува дека таканаречената „балканизација“ е лоша, дека луѓето на Балакнот се посебно насилни, дека можноста за влез во ЕУ е единствена гаранција за мир и безбедност, како и дека Балканот е хомоген регион.

Тој како прв мит го наведува „Балканот секогаш бил Балкан“, според кој што овој географски поим секогаш бил исполнет со негативна конотација, со насилство, дивјаштво, примитивизам во мерка за која што тешко може да се најде паралела во историјата.

Терминот „балканизација“, којшто обично подразбира распад на поголеми политички единици на мали меѓусобно раскарани држави, по Првата светска војна добил негативна конотација поради наводната закана на меѓународниот проект, стабилност и мир, наведува Хулиарас.

Професорот на Универзитетот на Пелопонез наведува дека Балканот е опишуван како „буре барут во Европа“ и го цитира поранешниот британски премиер Винстон Черчил кој рече дека „Балканот создава повеќе историја отколку што може да ја потроши“.

Во почетокот на 1990-тите терминот стана уште понегативен, со оглед на тоа што многумина на Запад верувале дека распадот на Југославија дошол по омразата од минатото, па зборот „Балкан“ сега се избегнува и сé почесто се користи „Југоисточна Европа“, и опстојува терминот „Западен Балкан“.

Во врска со митот „балканизацијата е лоша работа“, Хулиарас наведува дека Балканот е фрагментиран како никогаш досега, но истовремено, балканските земји се подемократски од кога и да е.

Иако тоа не се совршени демократии, власта се избира на слободни и чесни избори, губитниците го признаваат поразот, а националните малцинства имаат права пропишани со Утсави или официјални договори.

„Балканизацијата и демократизацијата изгледа дека одат заедно“, наведува авторот идодава дека за разлика порано, современата балканизација изгледа дека не ја загрозува економијата, додека границите во регионот се отворени како никогаш досега.

„Влезот во ЕУ ги ускладува разликите во законите, стандардите и валутите, а протокот на идеи, стоки и луѓе преку границите на Балканот се случуваат со невидена брзина. На одреден начин, националната фрагментација е натамошен мотив за интензивирање на политичките и економските интеграции. Веројатно прв пат од раниот Отомански период, Балканот станува навистина соединет“ наведува Хулиарас

Исто така за Хулиарас, мит е тоа дека со прогласувањето на независност на Косово, на Балканот нема повеќе сецесионистички движења кои би можеле да доведат до создавање нови држави.

„И натаму постојат значајни и силни барања за промена на границите“, наведува авторот и додава дека претставниците на Република Српска често зборуваат за референдум за припојување кон Србија, додека слично барање е популарно и меѓу босанските Хрвати.

Слична иницијатива е можна и меѓу Албанците во Македонија или Србите на северот од Косово.

„Сепак, поголемиот дел од Балканот и меѓународните фактори не се наклонети кон натамошно менување на границите“, наведува Хулиарас.

Околу митот „мамецот за членство во ЕУ го одржува Балканот стабилен и мирен“, авторот наведува дека стабилизацијата на Балканот се смета за одговорност на Европската унија, која во регионот е присутна повеќе од кој и да е регион во светот.

Изгледите за членство во ЕУ значајно влијаат на политичките и економските реформи, наведува авторот, но додава дека Унијата нема единствена надворешна политика и дека во Брисел очигледно постои замор од проширување.

Тој заклучува дека ангажманот на Европа не е доволен за одржување на стабилноста и поттикнување на растот на Западниот Балкан и додава дека е потребна и трајна посветеност на САД, а според него би требала да биде вклучена и Русија.

„Лесно е да предвидите дека домашните политички актери ќе бидат склони да играат на ривалитатот Запад-Русија, како што се случувало повеќе пати во историјата„ оценува грчкиот професор.

За митот „Балканот е посебно насилен регион“ тој наведува дека не постојат податоци кои што укажуваат дека луѓетп на Балканот се понасилни од другите луѓе и потсетува на извештајот на ОН од 2008 година кој што покажува дека нивот на злосторства против луѓето и имотот- убиствата, грабежите, силувањата, провалите и нападите на Балакнот се многу помали отколку во Западна Европа.

Хулиарас ги одрекува и митовите дека „Балканот е хомоген регион“. Тесктот излезе во ноемврискиот број на магазинот European view кој што го издава Ценатарот за европски студии, тинк-тенк организација на Европската народна партија.

OhridNews
извор:„Макфакс“