Македонската женска ракометна репрезентација со победите над Бразил и Австралија во групата обезбеди пласман во втората фаза од Светското првенство што се игра во Франција. Светскиот првак Русија, како прва во гупата,  со два бода ќе патува во втората рунда, додека Македонија во тие дуели ќе стартува без ниту еден бод.

Оценувајќи го досегашниот тек на шампионатот, некогашниот ракометен репрезентативец, Горан Андоновски за охридневс  вели:

” Ракометарките како и секогаш на големите натпреварувања го даваат максимумот, односот спрема играта најдобро се виде на првите три натпревари. Добар потег е и што предходниот селектор Драган Нишевиќ доби отказ, а на негово место дојде Љупчо Савевски кој важи за добар познавач на Македонскиот женски ракомет”.

Андоновски верува дека оваа репрезентација која се промовира во Франција, претставува добра основа за Македонија да направи добар резултат на Европското првенство кое во декмври 2008-та година ќе се игра во нашата земја: ” Добро е што Савевски им дава голема минутажа на младите ракометарки, Георгиевска, Бајрамовска, пивотменката Младеновска, на ова првенство тие ќе се стекнат со неопходно искуство”.

18 – то светско првенство, Македонија натпреварите ќе ги продолжи во Мец, во М1 групата, заедно со домаќинот Франција, европскиот првак Норвешка, најдобрата Африканска репрезентација Ангола и секогаш незгодната Хрватска. Според Андоновски, доколку и на овие натпревари ракометарките им пристапат на идентичен начин како и на предходните три, нема да изостанат добрите резултати.  ” Ракометарките во оваа фаза влегуваат без резултатски императив, верувам дека тие се уште не го кажале својот последен збор. Верувам дека и на противниците од оваа група ќе им се спротистават на ист начин како што тоа го направија кога играа со светскиот првак Русија”.

По вчерашниот слободен ден втората фаза Македонија ќе ја отвори денеска  против Норвешка, на 8 противник е домаќинот Франција, следниот ден Македонија ќе игра против Ангола. Последен противник на Македонските ракометарки на 11 декември ќе биде репрезентацијата на Хрватска.  

 Ненад Цветанов

ТРЕТ ПАТ ПРОТИВ НОРВЕШКА:

Македонската женската ракометна селекција вечерва против Норвешка ќе го одигра првиот натпревар од втората фаза на Светското првенство во Франција.

Натпреварот против европскиот Шампион од 2006 година, започнува во 21.20 час.
Црвено- жолтите имаат негативен скор со скандинавките 2-0 . На европското првенство во 2000 година загубивме со 31-28, а потоа во 2006 бевме понижени со 28-13.

Нa заршницата на Светските шампионати, ги немаме одмерено силите.

Во втората фаза од првенството во Франција, нашата репрезентација ќе игра во второто коло против домаќинот, кој има мундијалско злато од првенството во Хрватска одиграно во 2003 година

08.12 Сабота Македонија – Франција 15.00 часот
09.12 Недела Македонија – Ангола 14.30 часот
11.12 Вторник Македонија – Хрватска 21.15 часот

Мирко Постоловски