Македонија лани ја посетиле 4,8 отсто повеќе туристи од претходната 2013 година. Зголемување од 2,7 отсто има кај домашните, а 6,4 отсто кај странските туристи. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2014 година бројот на ноќевањата е зголемен за 1,8 отсто при што кај домашните туристи има намалување за 0,2 отсто, а кај странските зголемување од 4,7 проценти.
Дипломираниот менаџер по хотелско ресторанско работење Тони Павловски од Охрид, кој направил анализа на статистичките податоците и бројот на туристи, смета дека мерките кои ги презема македонската Влада за зголемување на бројот на странски туристи вродуваат со плод.
-Постојаната промоција на земјава, на нашата храна, култура, традиција, историја, учеството во многу саеми за туризам секоја година се повеќе и повеќе даваат резултати. Ако ги анализираме изминатите 10 години, од 2004 до 2014 година ќе видиме дека кај странските туристи секоја година има зголемување. Така, во 2004 година Република Македонија ја посетиле 165.306 странски туристи, наредната 2005 година 197.216, во 2006 година имало 202.357, а во 2014 година бројката се искачува неколкукратно и истата изнесува 425.314 странски туристи, појаснува Павловски.
Тој потенцира дека значително позитивно поместување има и во делот на домашни туристи.
-Кај домашните туристи ситуацијата до 2013 година беше многу лоша. Од 2008 година кога сме имале 350.363 домашни туристи, таа бројка секоја година се повеќе и повеќе се намалуваше, така што во 2013 година бројката падна на 302.114 домашни туристи, но 2014 година беше пресвртна. После неколку години пад на бројката на домашни туристи, изминатата година имаме покачување од дури 2,7%, вели Павловски.
Инаку според статистиката, лани во декември во земјава имало 32.413 туристи кои оствариле 64.687 ноќевања. Најмногу туристи 3.866 биле од Бугарија, 3.212 туристи биле од Грција и 2.040 од Турција.
OhridNews