Проектите за изградба на нови хидроелектрични централи во земјите од Западен Балкан ќе бидат се потешко да се реализираат во иднина поради климатските промени, противењето на јавноста и правните и финансиски предизвици, при што тие проекти или нема да придонесат за енергетската безбедност или немаат доволно економски потенцијал, се нагласува во анализа на повеќе меѓународни организации.
Хидроцентралите традиционално играат голема улога во многу електроенергетски системи од Југоисточна Европа, со особено голем удел во некои земји од Западен Балкан каде заедно со јагленот со децении се столбот на производството на електрична енергија.
Во анализата „Зошто хидроенергијата во Југоисточна Европа е ризична инвестиција“ се наведува дека многу земји од Југоисточна Европа се во фаза кога новите хидроенергетски капацитети нема да придонесат за енергетската безбедност поради прекумерната зависност, како што е случајот во Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора, или им остана мал економски потенцијал, како што е случајот со Бугарија и во Косово.
Албанија е речиси 100 отсто зависна од хидроенергијата, Црна Гора околу 50 отсто, Босна и Херцеговина произведува околу една третина од својата електрична енергија во хидроцентралите, Србија околу 28 отсто, а Република Северна Македонија речиси една четвртина.
Затоа, не е изненадувачки што кога потребата за развој на обновливи извори на енергија стана дел од политичката агенда на ниво на ЕУ кон крајот на 90-тите и почетокот на 21 век, владите на земјите од Југоисточна Европа најмногу гледаа на тоа како можност за изградба на повеќе хидроцентрали“, се наведува во извештајот објавен од „ЦЦЕ Бенквоч“ (CEE Bankwatch), „ЕуроНејчр“ (EuroNatur), „Ривервоч“ (RiverWatch) и „ВВФ Адриа“ (WWF Adria).
Иако некои земји во регионот тврдат дека имаат огромен неискористен потенцијал, авторите на студијата истакнуваат дека овие тврдења обично се засноваат на децениски процени од времето „кога врнежите беа попредвидливи, кога луѓето не се спротивставуваа на експропријацијата и кога беше малку познато за неверојатниот биодиверзитет на регионот“.
Во изминатите две децении, стотици мали хидроцентрали со моќност до 10 мегавати се изградени низ целиот регион, често во заштитени подрачја или други високо чувствителни живеалишта, додека обидите за изградба на „гринфилд“ хидроцентрали од над 10 мегавати во голема мера беа неуспешни, со исклучок на Албанија и во Словенија.
Сепак, развивачите на проекти продолжуваат да ги туркаат плановите за изградба на нови големи хидроелектрични централи, пренасочувајќи ги ресурсите и напорите од развивање побрзи и поекономични алтернативи, се истакнува во студијата.
Исто така се додава дека Босна и Херцеговина е особено амбициозна, и покрај тоа што во изминатата деценија не успеа да заврши ниту една „гринфилд“ голема хидроцентрала.
Укажувајќи на ризиците од хидроенергетските проекти, во извештајот се оценува дека нивната реализација ќе биде сè потешко поради климатските промени, уникатната биолошка разновидност во регионот, правните предизвици, отпорот на јавноста и финансиските проблеми.
Анализата ги истакнува високите ризици од изградба на девет хидроцентрали во регионот, вклучувајќи ги електраните Скавица во Албанија, Бистрица, Бук Бијела, Дабар, Улог и Јањиќи во Босна и Херцеговина и Комарница во Црна Гора.
Авторите на извештајот препорачуваат нискоризични инвестиции кои можат да му помогнат на регионот да премине кон позелен, социјално и економски одржлив енергетски систем.
Заедничко за сите земји од регионот, според анализата, е неискористениот потенцијал на енергијата од Сонцето и од ветерот.
OhridNews