Елитниот туризам како понов облик на туризам и како алтернативен вид туризам станува посебно актуелен последниве години. Но што е всушност и што означува елитниот туризам, што е потребно за негов развој и кои се тие елитни туристи сеуште не е дефинирано во целост од страна на туристичката фела.

Самиот термин елитен туризам покажува дека овој вид на туризам пред се е наменет за елитата, т.е луѓето од повисоките општествени слоеви. Ако во секое општество па и на глобално ниво луѓето според статусот ги делиме на сиромашни, средна класа, богати, овие, т.е елитата се ,,над,, сите нив. Богатството кое го имаат најчесто им се пресметува во милиони па и милијарди долари, понатаму, моќта и влијанието кое го имаат во секој сегмент од општественото живеење ја прави оваа категорија на луѓе кои се посебни и на сите останати т.н ,,обични смртници,,

Постојаната изградба на висококатегоризирани хотели со пет ѕвезди, луксузно опремени вили и апартмани, не се доволен показател дека почнува да се развива или веќе имаме развиен елитен туризам. Денес со развојот на туристичките агенции и со разните понуди на туристички аранжмани по ниски и поволни цени и луѓето од пониските општествени слоеви можат да си дозволат сместување во хотел со пет ѕвезди.

Што треба да поседува еден угостителско туристички објект во кој ќе престојуваат елитните туристи?! Тука ако мислиме дека покрај основните услуги за сместување и исхрана хотелите се збогатени со многу содржини како базени, спа центри, теретани и слично го прави хотелот посебен и како компетентен за да ги прими елитните туристи, многу се залажуваме. Како што реков предходно, тоа не е доволен показател дека имаме капацитети и ресурси за развојот на елитниот туризам. Ако пред 5-10 години беше невообичаено па дури и срамно еден добар хотел во собите да нема телевизор, wi-fi конекција и т.н денес веќе е невообичаено и дури срамно еден хотел да нема базен на пример, или да нема просторни единици со детски реквизити, или спа центар и слично. Со секоја наредна година сите хотели се збогатуваат со разни и нови содржини. Ако еден просечен хотел пред 10 години немал телевизори, инетрнет конекција, базен, и други содржини, денес веќе не би можел да го задржи гостите па и да привлече нови ако ги нема сите овие т.н стандардни содржини со денешниот начин на живот и денешниот развој на туризмот, пред се на хотелиерството.

Кој се спаѓа во елитни туристи?! Во елитни туристи би ги вброил не сите што можат да си дозволат хотел со пет ѕвезди. Тука би ги вброил светските политички лидери, споствениците на големите светски корпорации, луѓето од светот на шоу бизнисот како модели, пејач/ки, понатаму, спортисти, уметници и.т.н сите што го имаат предзнакот СВЕТСКИ ПОЗНАТИ И ВЛИЈАТЕЛНИ. Елитата сака, и не само што сака туку и живее на начин кој е поразличен од другите, од останатите луѓе од пониските општествени слоеви. Парите и моќта која што ја имаат им овозможиле на овие, елитиве, да си дозволат многу работи недостижни за останатите, пред се од економски причини. Често можеме по медиумите да прочитаме и видиме како некој светски познат спортист, или модел.. потрошил десетици па и стотици илјади долари само за една чинија кавијар, или за некое друго јадење кое го има само на едно место и не може на се најде на ниедно друго во светот. Или пак потрошиле десетици илјади долари за некое шише старо и ретко вино…. Кога сите тие работи кои ги прават елитните туристи стануваат достапни за луѓето од пониските општествени слоеви, тогаш тие пронаоѓаат нови начини на живот, повторно, недостапни за останатите, и се така до бескрај. Друго што е карактеристично за елитниве туристи не е само да прават одредени работи недостапни за другите, туку и да бидат видени од останатите, како тоа го прават.

Што бараат елитните туристи, каде се сместуваат?! Елитните туристи се сместуваат во посебни угостителски-туристички просторни целини во кои немаат никаков контакт ни со домицилното население, а ни пак со другите туристи. Тоа се целини опремени со луксузни ресторани, луксузни вили уредени по светски стандарди, со скапи и вредни уметнички дела вредни и по неколку милиони долари, понатаму, инвентарот е изработен од најскап порцелан, храната се јаде дури и со златен прибор.. Просторот да биде одлично уреден, чист, со зеленило, паркови, голф и други спортски терени, шопинг центри во кој се продава само брендирана облека и други брендирани производи, понатаму, соодветни и совршено опремени пристаништа во кои се стационираат скапите јахти, глисери и други пловни објекти, совршено опремени приватни аеродроми за нивните приватни авиони и.т.н Овие просторни целини се уредени на нестандардни начини, т.е на начини кои ги надминуваат оние поставените стандарди. Покрај опременоста и лускузот кои го пружат туристите уживаат без никакви обврски. На пример гостите во хотелот се обврзани да доручкуваат од 7:00 до 10:00 часот, или да ручаат од 13:00 до 16:00 часот, тука не постојат никави ограничувања, нема црвени линии, нема правила. Понатаму вработените треба да се луѓе со цврст карактер, покрај основните карактеристики и критериуми кои треба да ги исполнат за работа во овие објекти треба да имаат и трпение да ги исполнат сите желби на елитниве туристи кои немаќи никакви ограничувања знаат да бидат и претерани и не секој може да ги поднесе и издржи. И најважно, треба вработените во овие објекти да знаат да молчат, ТОА ШТО СЕ СЛУШУВА ТУКА, ОСТАНУВА ТУКА, значи ќе бидат и сведоци на големи забави во кои се конзумира алкохол, се конзумираат наркотични средства, се прават други неморални и развратни работи, и не треба ништо од тоа што ќе видат и слушнат да раскажува надвор од работното место, што на пример кај нас, па и пошироко на Балканот тоа е невозможно знаеќи дека сме ,,трачарска,, нација.

Елитниот туризам во Македонија?! Од она што до сега го наведов, можам само да кажам немаме капацитет за развој на овој вид туризам. Не е само тоа дека ќе изградиме луксузни хотели и туристите одма ќе дојдат. Се наоѓаме на Балканскиот Полуостров, или ,,буре барут,, често се случуваат разни немири, политички преврати, демонстрации, судири, па и воени конфликти, елитните туристи прво бараат безбедност, а живееме во еден нестабилен регион. Понатаму, инфраструктурата со која што располагаме не е на завидно ниво. Потребни се многу многу пари за изградба на капацитети соодветни за развојот на овој вид на туризам. Ако земеме пример за летниот туризам, најсоодветно место и најпознато кое има можности и место за развојот на овој туризам е Охрид, но од друга страна Охрид и Охридското Езеро се заштитени од УНЕСКО и има правила кои мора да се почитуваат да не се оштетува природата, а кога би имало такви капацитети сигурно туристите би сакале да се на брегот на езерото или просто кажано ,,водата да им е под нозе додека јадат,,

Што подразбирам под елитен туризам со најпрости зборови и наjедноставно кажано?! Под елитен туризам лично јас подразбирам во Македонија да дојде да летува да одмараат Парис Хилтон, Барак Обама, Викторија и Дејвид Бекам и слични на нив… Но, за жал немаме можности, програми и содржини со кои би го привлекле нивното внимание.

Да не се залажуваме, навистина немаме можности и ресурси за развојот на овој туризам. До сега се е сведено само на некакви програми од службите за развој на туризмот, кој на крајот завршуваат со пресс пред медиумите и сето останува на тоа. Да се фокусираме на она во што можеме и за што имаме можности и потенцијали за развој, како езерскиот, планинскиот, верскиот туризам и т.н

Тони Павловски
Дипломиран менаџер по туризам

Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив