Вкупно 64 отсто од граѓаните сметаат дека медиумите известуваат професионално и непристрасно за време на пандемијата со ковид-19. Медиуми во кои најчесто се забележани дезинформации и погрешни информации се социјалните медиуми – дури 28,8 отсто и тоа најмногу Фејсбук, но и телевизиските канали – 26,8 отсто.

Ова го покажува истражувањето спроведено од Македонскиот институт за медиуми (МИМ), во соработка со агенцијата М-Проспект, во врска со ставовите на граѓаните за медиумското известување во текот на пандемијата со Ковид-19.

Истражувањето е спроведено телефонски, од 14 до 20 декември 2020 година, на случаен примерок од 1003 испитаници.

Според нивните одговори, секој четврти испитаник ики 25 отсто, целосно се согласува со оваа изјава, 39 отсто донекаде се согласуваат, 21,8 отсто донекaде не се согласуваат, а 13,6 отсто вооопшто не се согласуваат. Кумулативно земено, процентот на оние кои сметаат дека се известувало професионално и непристрасно е 64,1 осто и е поголем од оние кои не се согласуваат со тоа и изнесува 35,4 отсто.

Анализата на одговори покажува дека согласноста за професионално и непристрасно известување расте со возраста.

Според истражувањето, 19 отсто од возрасната група од 18 до 29 години целосно се согласуваат со изјавата дека медиумите за време на пандемијата со Ковид-19 известуваат професионално и непристрасно, кај возрасната група од 30 до 64 години овој процент се движи од 22 до 23 отсто, додека над 65 години е повисок и изнесува 36 отсто од испитаниците. Скоро секој трети етнички Македонец, односно 29,4 отсто целосно се согласува со оваа констатација, наспроти 13,3 отсто од испитаниците етнички Албанци.

Како медиуми каде најчесто се забележани дезинформации и погрешни информации, испитаниците најчесто ги спомнуваат социјалните медиуми, 28,8 отсто и телевизиските канали 26,8 отсто.

Според анализата, речиси 19 отсто од испитаниците одговориле дека забележале дезинформации и мисинформации на интернет порталите, 8,7 отсто во печатените медиуми, а околу четири отсто на радиото. 12 отсто не забележале дезинформации и мисинформации.

Забележливо е дека помладите генерации од 18 до 39 години повеќе ги истакнуваат социјалните медиуми и порталите како типови на медиуми на кои забележале дезинформации и мисинформации, наспроти постарите, особено оние над 50 години, кои повеќе ја истакнуваат телевизијата како извор на дезинформации и мисинформации, соопшти МИМ.

Од оние кои ги посочиле социјалните медиуми како извор на дезинформации и мисинформации, најголем процент 84,5 отсто го посочиле Фејсбук, 7,6 отсто Јутјуб, а 5,8 отсто социјалната мрежа Твитер.

Аналазита покажува дека погрешните, непотврдени информации и дезинформации е тоа што 39,7 отсто од испитаниците го посочиле дека им пречи во начинот на новинарското известување.

Ова истражување е направено во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“ што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за медиуми и различности од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија.

OhridNews