Дебата што ја разгледува присустноста на културата во медиумите ќе го отвори претпоследниот ден на четвртото издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримОН“, кој ќе се одржи од 27 до 31 јули во Струга. Тематскиот ден е насловен „Во Абсентија“, а интерактивната дебата носи наслов „Отсуството на културата и уметноста во медиумите“.
Дебатата е закажана за сабота, 30 јули од 19.30 часот во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“. Модераторка е новинарката и активистка Ана Јовковска, а панелисти се Звонко Наумоски, Небојша Вилиќ и Влатко Галевски.
– Од постојана политизираност до доминантно присуство на шунд, сведоци сме на потполно загадување и искривување на фактите. Хипокризијата и падот на естетските критериуми, како и маргинализирањето на независната уметничка мисла од општествениот мејнстрим, во голем дел се должи и на нејзиното отсуство или слабо присуство во медиумите. Зошто е тоа така, ќе се обидеме да дадеме одговор на дебатата во рамки на фестивалот – велат од „ДримОН“.
Четвртото издание на „ДримОН“ го организира Иницијатива за независен културен активизам (ИНКА). Тие најавуваат најавуваат „ѕверски добар“ фестивал, со повеќе улични акции, програма на главна сцена и чил аут зона, сето тоа позиционирано во и околу Центарот за култура во Струга. Фестивалот изобилува со музички концерти и настапи на диџеј(к)и, дебати, улични акции, изложби, филмски проекции, театар, работилници и секако, многу забава и подигање на свесноста за повеќе важни прашања од општественото живење.
Четвртото издание на „ДримОН“ е овозможено со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).
OhridNews