Локалната самоуправа и советот на општина Охрид строго водат сметка при носењето на сите одлуки, со цел да не се повредат законските прописи, вели портпаролот на локалната самоуправа, Томе Џамтоски коментирајќи ги денес изнесените обвинувања на Граѓанската иницијатива Охрид СОС, според кои на наредната седница на советот ќе се легализираат локации на кои нема изградено објекти, а воедно се наоѓаат на атрактивни делови од охридското крајбрежје.

  • Доследно се спроведуваат сите аспекти и во целата постапка максимално се почитува законот до крај. Ако некој смета дека нешто е нарушено во постапката, локалната самоуправа и секторот за урбанизам се секогаш отворени за заинтересираните да се информираат, вели Џамтоски.

Според него, голем дел од тврдењата на Охрид СОС не се точни.

  • Навистина е неодговорно да се тврди дека е се легализираат објекти кои не постојат. Има и фотодокументации за објектите, кои се изработени од нашите служби и потоа се постапува кон постапката за легализација, напоменува Џамтоски.

Џамтоски вели дека обврска на локалната самоуправа е да постапува во согласност со законот, но во случај ако и понатаму има незадоволни граѓани тогаш на располагање им се и други институции каде можат да се обратат.

OhridNews