Не знаеме како на тоа гледа Дедо Мраз, но пред овој Божик американците во продавниците навистина претерале. Како што известуваат медиумите, глобалниот барометар на кражби во малопродажбата покажал дека за време на четири седмици пред Божик граѓаните на САД во продавниците украле стока во вредност од 1,8 милијарди долари. Таа цифра е за шест проценти, односно за 62 милиони долари, повисока од 2010 година.

Според извештаите на трговците и потрошувачите, луѓето оваа година помалку купувале и трошеле, и покрај големите попусти. Се жалеле на лошата понуда, посебно на играчките, кои пред Божик традиционално се најбарани производи. Додека одреден процент на кражби во продавниците секогаш постои, помеѓу останатото и поради клептоманијата која е својствена за секое општество, лошата економска ситуација ги наведува луѓето помалку да купуваат, а повеќе да крадат. Или можеби тоа на некои им изгледало како добар изговор за така да се однесуваат.