Американците во Охрид сакаат да произведуваат воздушни перничиња и сигурносни појаси. За таа цел, неофицијално, ќе бидат преадаптирани неколку погони во „Отекс“, за што преговорите биле речиси финализирани.
Вицепремиерот Зоран Ставрески при неодамнешната посета на Охрид истакна дека Владата на седница што ќе се одржи оваа недела, ќе усвои одлука за потпишување меморандум за соработка со американска компанија од областа на автомобилизмот. „Во првата фаза планирано е инвестицијата да отвори 600 работни места, а понатаму тој број ќе се зголеми на 1200“, рече Ставрески. Тој не го откри името на инвеститорот, но рече дека тој во бизнисот во Охрид влегува сам, иако како што наведе, ќе ги користи постојните наменски објекти изградени во градот. Како што информираше Ставрески компанијата во Охрид планира да произведува воздушни перничиња и сигурносни појаси за извоз во вредност од 100-200 милиони евра годишно.