Дури и најдобрите очила за виртуелна реалност денес не изгледаат многу поубаво од – маска за нуркање. По тој повод, американските научници работат на нова технологија со која ВР-очилата би можеле да добијат изглед речиси како обични очила.
Универзитетот Стенфорд од САД ги здружи силите со „Н-видија“ заради создавање нови ВР-очила. Прототипот, засега, навистина има и необични ленти што се издигнуваат над рамките, но и вака, се чини, очилата веќе се многу поубави на изглед, но и попријатни за носење од досегашните тешки модели. Како што е наведено во научниот труд објавен на конференцијата „Сиграф 2022“ – „главната пречка за широко усвојување на ВР-технологијата е крупниот облик на постоечките ВР-екрани и непријатноста“ околу нивното носење.
Новиот уред наречен „холографски очила“ може да создаде 3-Д холографска слика во целосна боја користејќи оптика со дебелина од само 2,5 милиметри. Во споредба со постојниот начин на работа на ВР-уредите, новата технологија значително го намалува растојанието од окото каде што се генерира сликата.
Новите холографски очила користат тн. „палачинка“ леќи, концепт што е сѐ поприфатен последниве години. За виртуелната реалност, овој вид леќи има неколку клучни предности – дозволува многу помал дијаметар на објективот, теоретски неограничена резолуција и широкоаголно видно поле до 200 степени… Претходните обиди да се развијат ВР-очила со леќи „палачинки“ успеаја да прикажат само 2-Д слики.
Прототипот тежи само 60 грама, што е, исто така, значително помалку дури и од најнапредните уреди на пазарот, како „Мета квест 2“ што тежи 503 грама. Како и да е, прототипот на Стенфорд покажа дека користењето вакви леќи во ВР-технологијата е можно и во пракса. Иако, проектот е сѐ уште во развој.
OhridNews