Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска телефонски разговараше со американскиот амбасадор во таа земја Кристофер Хил, кој „од него побара Србија да се однесува одговорно, сериозно и да не учествува на кој било начин во загрозување на регионалниот мир и стабилност“, објави Претседателството на Србија.

Во соопштението, како што пренесува Бета, се наведува дека Вучиќ во „долг и содржаен“ телефонски разговор на американскиот амбасадор му ја објаснил позицијата на Србија. Исто така, се посочува дека Вучиќ рекол дека „Србија е посветена на почитување на меѓународното јавно право и сите потпишани договори, но дека Србите од северно Косово „се ужаснати од разрешувањето на директорот на Регионалната дирекција на полицијата за регионот Север Ненад Ѓуриќ, и сите прашања поврзани со регистарските таблички и по стоти пат шокирани од повторените изјави дека меѓународното право, Бриселскиот договор и Заедницата на српските општини за нив не постојат“.

Вучиќ денеска разговарал и со амбасадорите на Кина и Русија во Белград, Чен Бо и Боцан Харченко, кои, како што се наведува, ги информирал за безбедносната состојба во Косово и притисоците со кои се соочуваат Србите и Србија.

OhridNews