Американската компанијата „Кутрубес Травел“ работи на проект за привлекување на туристи со подлабок џеб од САД да ја посетат Македонија, каде тие според предвидувањата поединечно би трошеле и до 8000 долари. Ова било најавено на бизнис форумот во Бостон, САД на кој учествуваше владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски.

Кети Кутрубес од компанијата „Кутрубес Травел“ истакналa дека нејзиниот бизнис проект за реализација на туристички посети на американски граѓани во Република Македонија се одвива добро и е во напредна фаза. 

-Работиме на проект од областа на туризмот во соработка со археолошкото друштво на САД, проект кој опфаќа носење туристи за да ги посетуваат туристичките знаменитости. Моментално го развиваме проектот во соработка со Инвест Македонија и се надеваме дека проектот ќе започне во мај и во септември 2014 година. Тоа е еден висок вид на туризам при кој туристите трошат и до 8000 долари по тура и мислам дека е проект на иднината, реклa Кутрубес. 

Со бизнис форумот во Бостон заврши економскиот дел од посетата на владината делегација на Соединетите Американски Држави. Синоќа премиерот Никола Груевски имаше обраќање пред Генералното Собрание на Обединетите Нации.

OhridNews