Деветнаесет американски борбени авиони меѓу кои и три „невидливи“ „Б2“ во неделата наутро нападнале цели во Либија, изјавил за АФП портпаролот на американската команда во германскиот град  Штутгарт, пренесува „Макфакс“.

„Нападите во Либија беа изведени со три авиона „Б2“, со воздухоплови „Ф-15“ и „Ф-16“ на американското воено воздухопловство и со „АВ8-Б“ кој им припаѓа на маринците“, изјавил портпаролот Кенет Фидлер.

Цели на ловците-бомбардери, како што рекол Фидлер, биел главно пистите и системите за противвоздушна одбрана. Притоа додал дека ниеден американски воздухоплов не бил погоден.

Американските и британските сили во саботата навечер истрелале 124 крстаречки проектили „томахавк“ на повеќе од 20 системи за противвоздушна одбрана главно распоредени по брегот на Средоземното Море, додал Фидлер, портпарол на американско-африканската команда при американскиот главен штаб за координација на сојузничките операции против Либија.

Во мешувреме либиските власти почнаа да  им делат оружје од воените магацини на цивилното население и до сега се поделени преку еден милион парчиња оружје, како одговор на нападот од западните сојузници, соопшти либискиот лидер Моамер Гадафи во своето денешно радио обраќање до нацијата

Тој во своето обраќање истакна дека воздушните напади се „војна без преседан“, но дека либискиот народ „нема да се предаде“. Гадафи истакна дека властите ќе ги елиминираат сите оние кои соработуваат со странските агресори.

„Ова е нова крстоносна војна, без преседан според предавничкиот карактер. Сите предавници кои ќе соработуваат ќе бидат веднаш елиминирани“, вели Гадафи.

OhridNews
извор: „Макфакс“