Позната американска компанија за производство на авто делови, која има повеќе фабрики во Европа, ќе отвори погон во Охрид, најави денеска вицепремиерот Зоран Ставрески. Во изјава за медиумите, Ставрески истакна дека наредната недела Владата ќе усвои одлука за потпишување меморандум за соработка со американска компанија од областа на автомобилизмот. „Во првата фаза планирано е инвестицијата да отвори 600 работни места, а понатаму тој број ќе се зголеми на 1200“, рече Ставрески. Тој не го откри името на инвеститорот, но рече дека тој во бизнисот во Охрид влегува сам, иако како што наведе, ќе ги користи постојните наменски објекти изградени во градот. Како што информираше Ставрески компанијата во Охрид планира да произведува воздушни перничиња и сигурносни појаси за извоз во вредност од 100-200 милиони евра годишно.
Ставрески денеска престојува во работна посета на Охрид при што ја посети „Охридска банка“ и фирмите ЕМО и Словин ТЕМ – ХЕМ. Вицепремиерот со раководството на ЕМО ќе разговара околу изнаоѓање стратешки партнер за компанијата со што би се решила долго_годишната криза во која се наоѓа овој загубар.
Ohridnews