Амбасадорот на САД во Република Македонија, Филип  Рикер  учествува на свеченост по повод доделување дипломи на припадници на Македонската гранична полиција што ќе се одржи денеска во Регионалниот центар  за гранични работи – Запад.

Амбасадорот Рикер заедно со претставници од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, ќе додели дипломи на група припадници на Македонската гранична полиција кои учествуваа на „Напредната обука за операции со мали чамци“ што ја
финансираше Владата на САД.

Обуката ја изведоа инструктори од Меѓународната програма на САД за  крајбрежна стража преку Програмата за контрола на извозот и гранична безбедност. Се работи за прв ваков курс во кој 12 припадници на македонската погранична полиција стекнаа технички вештини за подобро чување на македонските граници од нелегални активности на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

Од  отворањето на канцеларијата во Амбасадата на САД во Скопје во 2004 година, Програмата за контрола на извозот и гранична безбедност има спроведено  повеќе од 50 обуки за институциите во Македонија, пред се за министерствата за внатрешни работи, финансии,  економија, одбрана, како и за министерството за надворешни работи.

Во рамките на програмата, е донирана  опрема  во вредност од над 850.000  американски долари на Пограничната полиција на Министерството за внатрешни работи и на Царинската управа на Министерството за финансии, за подобра заштита на македонските граници и за спречување на нелегални движења на стоки и луѓе.

Ohridnews