Во рамките на проектот „Полска полица – книги од полски автори на полиците од македонските библиотеки“ во посета на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид беше амбасадорот на Република Полска во Скопје Кшиштоф Гжелчик кој беше примен од директорот на Библиотеката Милчо Јованоски.

Во таа пригода амбасадорот Гжелчик придружуван од сопругата Јоланта Гжелчик која воедно е и координатор на проектот на охридската библиотека и’ подари над 50 наслови како од класичната, така и од современата литература преведени на македонски јазик со што е збогатен библиотечниот фонд со дела од полски автори, велат во соопштението од Библиотеката.

Директорот, Јованоски по заедничкиот разглед на библиотеката накусо ги запозна гостите со историјатот на Установата, нејзиното постоење, функција и идеите за развој. Во знак на почит Јованоски на амбасадорот Гжелчик му врачи благодарница и мал комплет книги сврзани со и од библиотеката кои се дел од сопствената издавачка програма.

Договорено е неколкумина охридски библиотекари на 27 февруари да учествуваат на семинарот за полска литература во Скопје на кој ќе бидат разгледани и други прашања од суштинско значење за библиотеките меѓу кои и оние поврзани со промоција и маркетинг во библиотеките. Предавачи ќе бидат научни работници од Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје и претставници од Институтот за книга од Полска, потенцираат.

Покрај Охрид, додаваат, во проектот се вклучени уште шест библиотеки од Скопје (две), Битола, Тетово, Штип и Гевгелија, а проектот е поддржан од македонското Министерство за култура, додека носител е ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје.

Охридската библиотека со радост и задоволство јас прифати идејата на полската амбасада и амбасадорот Гжелчик во мај годинава да биде организиран „Месец на полска литература“. По тој повод ќе дојдат полски автори и илустратори кои ќе можат да се сретнат со читателите а планирани се и ликовни работилници за деца, додаваат од Библиотеката.

OhridNews